И најевтина и зелена и безбедна енергија во Кина

Неколку кинески провинции започнаа наменски проекти за греење на граѓаните – на нуклеарен погон. Во екот на глобалната енергетска криза, Кинезите реализираат енергетски проекти што по својата суштина се со повеќеслојна бенефиција: евтина топлинска енергија, не ја загадуваат животната средина и се со технологија што е најбезбедна за производство на таков вид енергија.
Деновиве медиумите особено внимание му посветија на проектот за нуклеарно греење во Хајанг. Станува збор за најголемиот кинески проект за нуклеарно греење, кој користи топлина создадена од нуклеарната енергија, но на еколошки начин. Со тоа, Хајанг стана првиот град во земјата што се загрева без јаглерод.
Според Државната корпорација за енергетски инвестиции, новиот систем за греење беше пуштен во употреба на почетокот од оваа недела во градот Хајанг, во источната провинција Шандонг, неколку дена пред закажаниот почеток на четиримесечниот зимски период за греење.
Како прв комерцијален и најголем кинески проект за нуклеарно греење, нуклеарната централа Хајанг ја користи најновата технологија за искористување на нуклеарната енергија за греење на населението. Таа во моментов сочинува 92,8 отсто од вкупниот капацитет за нуклеарно греење на земјата, кој изнесува 365 мегавати. Централата обезбедува топлинска енергија за повеќе од 200.000 жители.