Фото: Игор Бансколиев

Редица домашни структурни фактори го диктираат интензитетот на инфлацијата. За разлика од инфлацијата во Европската Унија, во Македонија зависноста од увозот е многу поголема. Други важни фактори се големата увозна зависност во енергетскиот сектор и потрошувачката кошница. Имено, кај нас за храна и за енергија се трошат 50 отсто од месечните приходи, додека во Европа само 30 отсто. Сето тоа влијае на високите стапки на инфлација кај нас, која се очекува значително да се намали веќе од следната година

Народната банка на Македонија ги лоцира причините за високите цени во земјата

Високата инфлација и порастот на цените ќе бидат главните „маркери“ со кои ќе треба да се соочат централните банки во Европа, но и во земјите од регионот. Меѓународниот монетарен фонд веќе излезе со предвидувањата за наредната година, кои се однесуваат на тоа дека растот на економијата ќе забави во земјите од Западен Балкан, а процените за европската економија (посебно Германија) се дека ќе се соочи со умерена рецесија! Тргнувајќи од овие глобални претпоставки, Народната банка на Македонија деновиве излезе со коригирани процени за макроекономските движења за годинава и за наредната година. Инфлацијата за 2022 година се проценува на 14,3 отсто, додека за наредната година се проектира дека ќе биде од 8 до 9 отсто. Дали проекциите ќе се исполнат, зависи од цената на струјата на регуларниот пазар, состојбата на меѓународните пазари, но и цените на примарните производи, посочуваат од централната монетарна власт во Македонија.
По растот на БДП за 4 отсто минатата година, годинава се очекува намалување на растот за 2,3 отсто. Наредната година се очекува раст од 2 отсто и би забавил на 1,8 отсто. Наредната година се очекува раст на цените на енергентите, металите, храната. За нафтата се очекува поголем пад на глобално ниво, изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Според неа, има многу фактори што влијаат на тоа да имаме двапати поголема инфлација од некои земји од ЕУ.

– Нашата увозна зависност и степенот на трговска отвореност е значајно поголем. Кај нас трговската отвореност е 140 отсто од БДП, во ЕУ е 70 отсто. Колку отвореноста е поголема тоа значи дека има помалку домашни ресурси што можат да ги компензираат овие надворешни шокови – потенцира Бежовска.
За разлика од инфлацијата во Европската Унија, во Македонија зависноста од увозот е многу поголема. Друг важен фактор е големата увозна зависност во енергетскиот сектор, а друг е потрошувачката кошница. Имено, кај нас за храна и енергија се трошат 50 отсто од месечните приходи, додека во Европа само 30 отсто.
– Глобален шок ги погодува сите економии, но домашните структурни фактори во секоја од економиите диктираат за интензитетот на инфлацијата. Отвореноста и увозната зависност се одразуваат на увозот и неговата структурата, понатаму на структурата на потрошувачката и следствено на домашните цени. Овие структурни фактори во голема мера ја објаснуваат разликата меѓу домашната инфлација и инфлацијата во еврозоната – вели Анета Крстевска, главна економистка на Народната банка, која ги презентираше најновите макроекономски проекции пред бизнис-заедницата, на конференцијата „М6 чекор напред – македонската економија во двоен шок – каде се движиме“.
Таа истакна дека продолжената ескалација на геополитичките тензии создадени со воената инвазија врз Украина, во услови кога сѐ уште светот трпи последици од пандемијата, придонесоа кон влошување на глобалниот амбиент, неповолно влијаеја на економските изгледи и создадоа дополнителни притисоци врз светските цени на основните производи. Централните банки низ светот одговорија со затегнување на монетарната политика поради засилениот и подолготраен раст на инфлацијата во светски рамки, што се одразува на условите за финансирање.
– Глобалните движења се одразија и врз домашната економија, преку понизок раст споредено со априлските проекции. Инфлацијата за оваа година е ревидирана нагоре, со оглед на повисоките досегашни остварувања, но битно е да се нагласи дека следната година се очекува забавување на стапката на инфлација, која ќе изнесува 8–9 отсто во 2023 година, при постепено стивнување на ценовните притисоци од увозните цени, субвенционирање на цената на електричната енергија за прехранбената индустрија и затегнувањето на монетарните услови – смета Крстевска.
Домашната инфлација, во согласност со проекциите на Народната банка, ќе продолжи да се стабилизира, сведувајќи се на нивото од 2,4 отсто и 2 отсто во 2024 и во 2025 година. М.Ј.