Нови обвинувања дојдоа против поранешната потпретседателка на Европскиот парламент, Ева Каили, која беше уапсена под сомнение за корупција, пренесуваат медиумите во регионот.
Таа сега е обвинета и за манипулација со буџетските средства на ЕУ. Имено, нејзиниот партнер признал дека е член на „организација што ја користи Катар“.
Европското јавно обвинителство во Луксембург побара во четвртокот да им се одземе имунитетот на социјалистичката пратеничка Каили и нејзината колешка од редовите на конзервативците Марија Спиракис, исто така од Грција.
Медиумите јавуваат и дека партнерот на Ева Каили во вториот корупциски скандал поврзан со поткуп од Катар во Европскиот парламент (ЕП) во меѓувреме се изјаснил за виновен.
Како што објаснуваат од Европското јавно обвинителство, новите обвиненија се однесуваат на сомнежот дека е направена „измама против буџетот на ЕУ“, особено во однос на надоместоците на претставниците во Парламентот на ЕУ.
Ова дополнително обвинение се појави по истрагата на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Втората засегната пратеничка во Европскиот парламент, Марија Спиракис, рече дека „со радост го прифаќа барањето за укинување на нејзиниот имунитет“ за да покаже дека таа нема направено финансиски неправилности во однос на Европскиот парламент „ниту за едно евро“.
Собранието „веднаш“ поведе соодветна постапка, соопшти прес-службата на Европскиот парламент. Каили беше уапсена минатиот петок во Брисел под сомнение за аферата „Катар“, исто како и нејзиниот партнер, кој работеше во Парламентот како советник за надворешна политика и човекови права.
Во белгиските судски кругови при претресот во нивниот заеднички стан биле пронајдени 150.000 евра, а кај таткото на Каила биле пронајдени уште 750.000 евра во кеш.
Гркинката Каили и другите осомничени се товарат за „членство во криминална организација, перење пари и корупција“. Се вели дека тие биле платени од заливската држава Катар за да ги застапуваат нивните интереси во Европскиот парламент. Катар ги отфрли обвинувањата.