Илијана Јотова има убедливо водство пред Андреј Ѓуров според првичните резултати од денешниот втор круг претседателски избори во Бугарија. Изборниот ден, како и првиот круг, го одбележа ниска излезност, која според проценките на агенциите изнесува околу 30 проценти, пренесе МИА.
Според паралелното пребројување на гласовите на „Маркет линкс“, Јотова освоила 57,4 отсто, наспроти 39,6 проценти за Ѓуров. „Алфа рисрч“ објави резултати од 57,1 отсто за Јотова и 39,3 проценти за Ѓуров, додека според „Тренд“, Јотова има 58,1 отсто, а Ѓуров 38,9 проценти.
И паралелното пребројување на „Галуп“ покажува предност за кандидатската двојка Илијана Јотова – Кирил Валчев, со освоени 56,1 отсто од гласовите. Кандидатската двојка Андреј Ѓуров – Георги Кандев добила поддршка од 39,9 проценти.
Бугарските граѓани во вториот круг избираа меѓу двете кандидатски двојки, откако во првиот круг, одржан на 25 октомври, ниту една од вкупно 27 кандидатски двојки не освои доволно гласови за победа.
Во првиот круг, од вкупно 6,6 милиони граѓани со право на глас, на избирачките места излегле 1.525.034 гласачи, односно 22,98 проценти. Јотова и Валчев тогаш освоиле 34,76 отсто од гласовите, додека Ѓуров и Кандев добиле 31,95 проценти, со разлика од 42.700 гласови.































