Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против четири лица осомничени дека како соизвршители учествувале во две кривични дела – разбојништво со смртни последици. Станува збор за тежок облик на кривично дело, за кој Кривичниот законик предвидува затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор, соопшти Јавното обвинителство на Република Македонија.
Според обвинителството, првиот настан се случил во раните утрински часови на 22 октомври, кога осомничените насилно влегле во куќа во скопската населба Хром. Сопственикот го врзале за рацете и нозете, го удирале по главата и телото, а потоа го задушиле со перница. Од куќата одзеле пари и златен накит во вкупна вредност од околу 300.000 денари.
Истиот ден попладне, еден од осомничените ги однел останатите со своето возило до златарница во Старата скопска чаршија, каде што украдениот накит бил продаден за 2.840 евра.
Вториот настан се случил во ноќта меѓу 26 и 27 октомври, во куќа во Ѓорче Петров. Осомничените физички ја нападнале сопственичката, ја удирале по главата и телото, ѝ ги врзале рацете, нозете и устата, а потоа ја однеле во купатилото. Жената починала од здобиените повреди. Од куќата биле одземени пари, накит и вредни предмети во вкупна вредност од околу 200.000 денари. И во овој случај, украдениот златен накит бил продаден.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени. Кривичниот суд претходно соопшти дека на осомничените им е продолжен притворот за дополнителни 30 дена, по предлог на обвинителството.
































