Фото: Лого Алта банка

Народната банка воведе администрација во „Алта банка“ АД Битола, поради случувањата поврзани со нејзиниот акционер со квалификувано учество, „Алта банка“ АД Белград, на која ѝ е одземена дозволата за работа и за која се донесени одлуки за исполнување на условите за поведување стечајна постапка.

Од Народната банка информираат дека Извршниот одбор на седницата одржана на 1 ноември 2026 година донел решение за воведување администрација во битолската банка, кое веќе е во сила. Мерката е од времен карактер и има за цел заштита на имотот на банката и интересите на нејзините доверители.

Од Централната банка нагласуваат дека „Алта банка“ АД Битола е високо капитализирана и ликвидна, има солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди.

Со воведувањето на администрацијата, управувањето со имотот на банката привремено преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка, во рамки на овластувањата дадени од Извршниот одбор.

Во наредните денови ќе важат одредени ограничувања за плаќањата од сметките на клиентите. За физичките лица е определен неделен лимит за одлив на средства во износ од 10.000 денари, кој ќе може да се користи со платежните картички издадени од банката.

Од друга страна, интерните плаќања меѓу сметките на физичките и правните лица во рамки на банката ќе останат овозможени без ограничување на износот.

Народната банка посочува дека мерките се преземени за заштита на имотот и интересите на штедачите. Воедно, кредитокорисниците треба да продолжат редовно да ги исполнуваат обврските кон банката.

Од Централната банка најавуваат дека и натаму ќе ја следат состојбата и ќе преземаат активности во рамки на своите законски надлежности.