Фото: МИА

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се активираше на социјалната мрежа Твитер при што за само неколку дена собра над 66 илјади обожаватели, меѓу кои се и поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Будимпешта, како и поранешниот пратеник Илија Димовски.

Не очекувам екстрадиција на Груевски додека Орбан е на власт, вели професор Калајџиев

Меѓу 44-те профили што ги следи Орбан, пак, го нема оној на Груевски. Од регионалните политичари, таму се српскиот претседател Александар Вучиќ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и членот на претседателството на БиХ, Милорад Додик и поранешниот словенечки премие Јанез Јанша. А во тоа друштво се и италијанските политичари Џорџа Мелони и Матео Салвини, францускиот претседател Емануел Макрон, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, папата Франциск…

Во кратката биографија на Твитер, Орбан се опишува како „борец за слобода, сопруг, татко, дедо и премиер на Унгарија“.

„Јуроњуз“ наведува дека Орбан се активирал на Твитер за да влијае на мислењето на англо-саксонскиот свет, среде несогласувањата околу војната во Украина и неговиот долгорочен спор со Брисел за пристапот до фондовите на ЕУ. Се смета и дека Орбан со присуството на социјалната мрежа има цел да ги заобиколи традиционалните западни медиуми.

Интересно е што Орбан набргу по пристапувањето на Твитер го постави прашањето – каде е мојот добар пријател Доналд Трамп. Твитот на Орбан за поранешниот американски претседател беше негов вкупно четврти откако се приклучи на социјалната мрежа во понеделникот. А во прилог на прашањето го постави гифот на кој ликот на Винсент Вега (го глуми Џон Траволта“) од „Петпарачки приказни“ изгледа збунето.

На прашањето на Орбан, одговори американскиот амбасадор во Унгарија, Дејвид Пресман, кој напиша, „додека го бараш твојот пријател, еве уште еден пријател што би можел да го следиш – претседателот на САД…, но унгарските медиуми би можеле да кажат: без притисок“. Орбан во меѓувреме го заследи и Бајден на Твитер.

Трамп, пак, доби забрана на Твитер во јануари минатата година поради „ризикот за понатамошно поттикнување на насилство“, откако се случи упадот во американскиот Конгрес.

Познати се добрите односи на поранешниот американски претседател и унгарскиот премиер. Трамп го угости Орбан на неговиот голф терен во Њу Џерси, во пресрет на обраќањето на унгарскиот премиер на годинашната Конференција за конзервативна политичка акција (ЦПАЦ) одржана во Далас во август.