Германија во блокада

Германија вчера се соочи со генерален еднодневен предупредувачки штрајк во транспортниот сектор. Генералниот штрајк започнa на полноќ и ќе трае 24 часа, соопштија двата синдиката. Штрајкуваа членовите на синдикатот на јавниот сектор „Верди“, кој повика 120.000 вработени на штрајк, и на железничкиот и транспортниот синдикат ЕВГ, со 230.000 вработени во автобуските компании и железницата. Штрајкот ги зафати целиот меѓуградски железнички сообраќај, речиси целиот градски сообраќај и повеќето аеродроми. Штрајкот ги опфати и водниот сообраќај во Германија и автопатиштата.
Синдикатите бараат повисоки плати, особено изедначување на негативниот ефект на инфлацијата врз реалните плати. Синдикатот „Верди“ бара зголемување од 10,5 отсто за своите 2,5 милиони вработени.

Владата не се меша и не коментира

Според најавите, во текот на денот низ Германија се одржаа над 50 протестни собири. Според синдикатот на железницата ЕВГ, повеќе од 30.000 вработени на околу 350 локации низ Германија штрајкувале во раните утрински часови.
– Германија стои во место бидејќи работодавците го отфрлаат договорот – рече членот на колективниот одбор за договарање на ЕВГ, Кристијан Лорох.
Германската влада инаку не сакаше ништо да коментира во врска со штрајкот, нагласувајќи дека не сака да се меша во преговорите меѓу работодавците и синдикатите.
– Правото на штрајк е едно од основните права во Германија – изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт.
Наедно, тој апелираше до учесниците во преговорите што поскоро да се најде решение за да се минимизира влијанието врз секојдневниот живот на граѓаните.
Од почетокот на годината Германија е погодена од бран штрајкови, особено во јавниот сектор, така што во неколку наврати штрајкуваа вработените во градскиот транспорт, болниците и градинките, како и персоналот на аеродромите.
Според истражувањето на германската новинска агенција ДПА, и покрај големите проблеми што ги донесе штрајкот во транспортниот сектор во Германија, мнозинството граѓани го разбираат прекинот на работата. Според истражувањето, 55 отсто од испитаниците заедничкиот штрајк на синдикатите „Верди“ и ЕВГ го сметаат за „оправдан“ или „целосно оправдан“, а 38 отсто ја сметаат акцијата за „неоправдана“ или „целосно неоправдана“. Истражувањето покажа дека 69 отсто од анкетираните не биле погодени од штрајкот бидејќи или не зависат од превозните средства или нашле алтернативно решение за вчера.
Вработените или учениците по правило се должни да се појават на работното место или на училиште и покрај штрајкот во транспортниот сектор, со оглед на тоа што штрајкот беше најавен неколку дена претходно, што, според законот, овозможува да се најде алтернатива.
Треба да се додаде дека вчера беа затворени некои градинки и училишта. Некои училишни одбори гласаа да се работи, но настанаа проблеми поради неможноста да се стигне на работа.

Обемот на штрајкот под критика

Синдикатот на германските градови и општини, кои се појавуваат во улога на работодавец во преговорите за колективните договори со синдикатот „Верди“, го критикуваше штрајкот, особено поради неговиот обем.
– Понеделничкиот штрајк добива димензии на генерален штрајк и поради неговиот обем тешко е да се зборува за предупредувачки штрајк – рече Герд Ландсберг, претседател на Асоцијацијата на германските градови и општини, во интервју за дневниот весник „Рајнише пост“.
Ландсберг го критикуваше и времето на штрајкот токму на денот кога требаше да продолжат преговорите меѓу работодавците и синдикатите за нов колективен договор.
И Дојче бан (ДБ) го критикуваше штрајкот како „неразумен и непотребен“. ЕВГ мора да се соочи со својата одговорност и „веднаш да се врати на преговарачката маса“, побара Мартин Сејлер, директор за човечки ресурси во ДБ. Железниците „поднесоа одговорна понуда“ и секогаш се подготвени да разговараат. Следниот редовен датум за преговори на крајот на април е предоцна.
Купените билети за 27 и 28 март може да се откажат бесплатно или флексибилно да се искористат до 4 април.
– Секако дека сме подготвени да ги обесштетиме патниците во такви ситуации – рече Сејлер, кој сепак советуваше „секој што може да го презакаже патувањето, да го стори тоа“.
Предупредувачкиот штрајк во Германија ги погоди и возовите со соседна Чешка. Прекуграничните долги и регионални возови сообраќаа само на делови од маршрутата во Чешка. На пример, возовите на „Еуросити“ меѓу Прага и Берлин сообраќаа само на делот меѓу Прага и Дечин. Во Домажлице завршија возовите на „Еуросити“ за Минхен. Експресните возови меѓу Чеб и Нирнберг се откажани.
Како гест на добра волја, Чешките железници дозволуваа замена или пререзервација на билети за Германија што се веќе купени. Сè треба да се врати во нормала веќе денеска.
„Билд“ објави дека и покрај штрајкот, не дојде до затворање на тунелите на автопатиштата.
– Работата на тунелите на автопатот е загарантирана. Синдикатот склучи договор за итни услуги со работодавецот „Аутобан ГмбХ“ во текот на викендот – рече Пол Шмит, раководител на регионалниот оддел на синдикатот.
Сепак, вработените во „Аутобан ГмбХ“ беа повикани на предупредувачки штрајк, поради што, на пример, тие не ги исполнија вообичаените работни задачи на одржување по должината на автопатиштата.
Штрајкот најсилно се одрази на авионскиот сообраќај. Според податоците на Асоцијацијата на аеродроми, од штрајкот би можеле да бидат погодени 380.000 патници, а сообраќајот се очекува да биде во прекин до средината на неделата.

Подготвил: Mарјан Велевски