Фото: Пиксабеј

Земјите-членки на Г7 ја уверуваат Украина во нивната континуирана поддршка за одбранбената борба против Русија, изјави вечерва во Берлин германскиот канцелар Олаф Шолц по видео-конференцијата со другите лидери од Групата и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, јави ДПА.

– Украина ќе биде поддржана се додека е тоа неопходно – рече Шолц, додавајќи дека и економскиот притисок врз Русија ќе биде уште поголем.

Шолц, истовремено, направи преглед на германското претседателство со Г7 во годината што се ближи кон крајот.

– Рускиот напад врз својот сосед, на крајот на февруари, бараше решителен и силен одговор од сојузниците, пред сè од Г7, рече германскиот канцелар. Успеавме да го обезбедиме овој цврст одговор. Економски најсилните демократии во светот сега се поблиски отколку што некогаш биле – пренесе ДПА.