Фото: Илустрација

Телото на давеникот кое е извлечено попладнево од водите на Вардар од тим на МВР е идентификувано од страна на роднините на лицето кое вчера се фрли во реката од мостот „Близнак“ на булевар „Србија” и е утврдено дека станува збор за него, информира вечерва Центарот за управување со кризи (ЦУК).

– Согласно дојавата од граѓани на 112 во ЦУК и координација на ЦУК со МВР и со Брза помош, попладнево е пронајдено лицето кое се фрли од мостот „Близнак” на булевар „Србија” во реката Вардар. Удавениот човек е лоциран на околу два километра низводно од истоимениот мост. Телото на давеникот е извлечено од тимот на МВР, направена е идентификацијата од страна на роднините на настраданиот и е утврдено дека се работи за лицето по кого се трагало – се наведува во објавата на веб-страницата на ЦУК.

Како што претходно информираа од Центарот, по направената координација со МВР, ДЗС, локалните самоуправи Гази Баба, Аеродром и Град Скопје, како и Црвениот крст, денеска со чамец се вршеше потрага низводно по течението на Вардар во ширина на пресекот на струјата на речното корито од страна на специјализираните единици на МВР.