Министрите за правда на Европската унија (ЕУ) одржуваат неформален состанок во Лил, Франција, каде што разговараат за предлогот за проширување на листата на кривични дела поврзани со говор од омраза и злосторства од омраза онлајн и офлајн со цел да се создаде соодветна правна рамка за криминализација на говорот на омраза и злосторствата од омраза на ниво на ЕУ.

Во моментов не постои правна основа за криминализирање на говорот на омраза и злосторствата од омраза на ниво на ЕУ и затоа е неопходно да се прошири постојната листа на кривични дела во ЕУ утврдена во Договорот за функционирање на Европската унија за да се обезбедат минимум заеднички правила за кривични дела и санкции кои се применуваат во сите земји-членки на ЕУ.

Во декември минатата година, Комисијата покрена иницијатива за вклучување на говорот на омраза и злосторствата од омраза во листата на кривични дела. Следниот чекор во оваа насока е земјите-членки да ја одобрат оваа иницијатива и потоа Комисијата да даде законодавен предлог.

Министрите разговараат и со претставници на главните дигитални платформи Фејсбук/Мета и Гугл. Претставниците на Твитер не одговорле на поканата, поради што француското претседателство изрази жалење.

Комесарот за правда Дидие Рејндерс изрази надеж дека овие дигитални платформи ќе продолжат да соработуваат со телата на ЕУ за да изготват закон за дигитални услуги, за кој моментално се преговара. Тој закон треба да обезбеди подобро функционирање на платформите, да ги отстрани и забрани нелегалните содржини.

Домаќинот на состанокот, францускиот министер за правда Ерик Дупон-Морети, рече дека е „крајно време ЕУ да усвои законодавство што ќе ги спречи платформите да го имаат последниот збор“.

– Ни треба јасна и прецизна рамка која ќе ја почитува слободата на говорот, додаде тој.