Евгениј Пригожин во Бахмут/Фото: Принтскрин

Основачот на руската платеничка група Евгениј Пригожин бил меѓу патниците во приватен авион што се урнал северно од Москва, објави агенцијата ТАСС, цитирајќи ја руската авијација „Росавијација“, а пренесе „Ројтерс“.

Пригожин кон крајот на јуни предводеше бунт во кој борците на „Вагнер“ ја презедоа контролата врз јужниот град Ростов-на-Дон и зградата на Јужната воена команда. Обидот за државен удар беше прекинат со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко, а се смета за најсериозен предизвик за рускиот претседател Путин, откако тој дојде на власт на последниот ден од 1999 година.

Односот помеѓу рускиот тајкун Пригожин со неговиот долгогодишен сојузник, Путин, навидум се влоши откако основачот на платеничката група „Вагнер“ во повеќе наврати изрази загриженост и критики за војната во Украина, според западните медиуми.

Пригожин кој беше познат под прекарот „Готвачот на Путин“ поради договорите за кетеринг со Кремљ, со месеци ги испраќаше т.н. „музиканти“ на „Вагнер“ во Бахмут во источна Украина, каде што се водеа жестоки борби.

Но, се сметаше оти односот на бизнисменот со Кремљ се смени кога тој ги изрази политичките амбиции, јавно напаѓајќи ги рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и командантот на здружените сили Валериј Герасимов.

Пригожин, завчера го објави своето прво видеообраќање по краткиот бунт на крајот на јуни, појавувајќи се на видеоснимка веројатно снимена во Африка, кое го објави на каналот „Телеграм“ поврзан со групата „Вагнер“.