Фото: Принт-скрин

Русија денеска ќе отвори хуманитарен коридор за цивилите да ја напуштат челичарницата „Азовстал“ во јужниот град Мариупол, јавува новинската агенција „Интерфакс“, пренесува „Скај Њуз“.

Украинските власти, пак, тврдат дека не е постигнат договор со Русија за евакуација на „Азовстал“.

– Украина нема постигнато никаков договор со Русија за воспоставување хуманитарен коридор за цивилите од јужниот град Мариупол – изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

Верешчук за „Би-би-си“ изјави дека Украина многупати слушнала дека руското Министерство за одбрана ќе прогласи прекин на огнот и ќе отвори хуманитарен коридор.

Но, додаде таа, Русија „никогаш не ги исполни своите обврски и не отвори коридор“.

Таа побара гаранции за безбедноста на цивилите.

Верешчук рече дека Украина сака Москва да му даде писмени безбедносни гаранции на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Досега имаше неколку неуспешни обиди за евакуација од Мариупол откако Русија го засили притисокот врз украинските војници и цивилите кои се засолнети во Азовстал.

Се проценува дека во челичарницата има меѓу 300 и 1.000 цивили, кои се таму со преостанатите украински борци кои го бранеа градот.