Фото: Твитер

ЕУ ќе создаде „стратешки резерви“ за да избегне прекини во снабдувањето со „критичните“ суровини за нејзината индустрија, особено ретките земји и литиумот, чиешто глобално снабдување го контролира Кина, јави дописникот на МИА.

Литиумот (клучната компонента на електричните батерии) и ретките земји (стратешки метали потребни за производство на чипови, ЛЦД екрани, воена опрема или турбини на ветер) „наскоро ќе бидат уште поважни од нафтата и гасот“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во својот говор за „Состојбата на ЕУ“.

Додека „потребите на ЕУ за ретки земји ќе се помножат со пет до 2030 година“, а оние од литиум ќе се зголемуваат со електрификацијата на економијата, „мора да избегнеме повторно да се најдеме во ситуација на зависност, како за нафтата и гасот“, предупреди таа за време на говорот пред Европскиот парламент.

– Проблемот е што во моментов, една земја го контролира речиси целиот пазар. Скоро 90 проценти од ретките земји и 60 отсто од литиумот се преработуваат во Кина –  предупреди Урсула фон дер Лејен.

Претседателката на ЕК ги повикува дваесет и седумте членки да ги „обезбедат своите залихи“.

– Ќе ги дефинираме стратешките проекти долж синџирот на снабдување, од екстракција до рафинирање, од преработка до рециклирање и ќе изградиме стратешки резерви таму каде што снабдувањето е загрозено – потврди таа, ветувајќи законски проект за ова прашање.

Урсула фон дер Лејен истакна дека „овој пристап може да биде ефективен: по лансирањето на европскиот сојуз за батерии пред пет години, две третини од батериите што ни се потребни наскоро ќе бидат произведени во Европа“, а по регулативата за полупроводници претставена минатата година, рече „изградбата на Првата мега-фабрика за производство на чипови (во ЕУ) ќе започне во наредните месеци“. 

Брисел си постави цел во февруари да го удвои пазарниот удел на ЕУ во полупроводници до 20 отсто од глобалното производство до крајот на деценијата, за да ја намали зависноста од Азија. За да се постигне ова, Комисијата во февруари објави план со кој се одобруваат 42 милијарди евра јавни инвестиции за овој сектор.

-ЕУ ќе се опреми со средства за да ја гарантира безбедноста на снабдувањето, како што тоа го прават САД на пример, вклучително и со можни ограничувања на извозот во случај на криза, рече комесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон.