Анализа на институтот „Бригел“ од Белгија

Според студијата на институтот „Бригел“ од Белгија, „ЕУ би можела да излезе на крај со краткорочни прекини во испораките на руски гас, но би претрпела тешки последици по економијата“. Ескалацијата на тензиите на истокот на Европа ја зголеми загриженоста за испораките на руски гас на Стариот Континент, што ги поттикна Европската комисија и САД да бараат алтернативни опции за снабдување.

Неопходно е ЕУ да воведе итни мерки за намалуање на побарувачката на природен гас

Анализата на институтот „Бригел“ покажа дека доколку Русија целосно го прекине извозот на гас, ЕУ ќе мора да го зголеми увозот на течен природен гас (ЛНГ) и да воведе итни мерки за намалување на побарувачката, како што се затворање постројки, за да се спречи сериозниот недостиг. „Сценариото за конфликт би вклучило тешки и скапи одлуки за Европа правилно да управува со ситуацијата и би имало тешки последици за економијата“, предупреди Симоне Таљапитра, виш соработник во институтот „Бригел“.
Испораките од Русија беа помали од очекуваното во последните месеци, па цените нагло пораснаа. Во такви услови, домаќинствата во Европа веќе се соочуваат со повисоки сметки, а секторите во економијата зависни од гас се принудени да го намалат производството. Русија покрива околу 40 отсто од потрошувачката на гас во ЕУ, со големи разлики меѓу земјите-членки во зависност од увозот на руски гас.

Инфраструктурни проблеми во гасоводниот систем

Терминалите за увоз на течен природен гас се концентрирани на Пиринејскиот Полуостров. Имено, тој регион може да увезува 40 терават часа гас месечно, а може да троши само 30 терават часа. Голем проблем е транспортот на вишокот гас до другиот дел од Европа, бидејќи постојните гасоводи овозможуваат транспорт на најмногу пет терават часа месечно.
Гасот што пристигнува во Франција веќе е преработен за комерцијална употреба и обично не може едноставно да се испрати до соседните системи. Во северозападна Европа, гасот има различни калориски вредности, кои бараат различна инфраструктура.
Гасоводниот систем во Централна и во Источна Европа е дизајниран да транспортира гас од исток и покрај капацитетот за промена на протокот, премногу гас од запад може да предизвика метеж и да ја спречи испораката на потребното количество гас. Тоа значи дека и земјите од регионот се во опасност од недостиг доколку Москва ги намали испораките, заклучува институтот.

Испораките на гас и од други извори доведени во прашање

Постојната инфраструктура, во принцип, овозможува поголем увоз на гас од Норвешка и од Северна Африка и поголема испорака на течен гас, од вкупно 17 терават часа неделно, што би можело да го замени постојното ниско ниво на увоз од Русија од 18 терават часа неделно.
Но само затоа што имате инфраструктура не значи дека имате гас, предупредува институтот, потсетувајќи на изјавата на норвешкиот премиер дека неговата земја веќе испорачува максимален гас во ЕУ и дека снабдувањето со ЛНГ е тесно. Овие земји можеби нема да можат да ги зголемат испораките на гас, па затоа ќе биде неопходно истовремено да се намали побарувачката, се вели во студијата.

Во најлошо сценарио, резервите на гас ќе бидат истрошени до крајот на март

Ако Русија го прекине снабдувањето со гас во февруари, кое достигна околу 1.700 теравати во 2021 година, резервите на гас во складиштето во ЕУ може да се намалат на само 140 теравати во април. Доколку температурите бидат многу ниски, магацините ќе бидат празни до крајот на март, предупредува институтот „Бригел“.
Доколку суспензијата биде продолжена до следната зима и понатаму, ЕУ ќе има уште поголеми проблеми и ќе биде принудена дополнително да ги ограничи трошоците. Алтернативните опции се поголема потрошувачка на јаглен, а со тоа и повисоки емисии на јаглерод диоксид и политички чувствително германско одложување во затворањето на нуклеарните централи.
Скокот на побарувачката за течен природен гас може да ги зголеми цените уште повеќе, погодувајќи ги економијата на ЕУ и посиромашните земји, кои купуваат ЛНГ на аукции.
Европските терминали за гасификација и неискористениот капацитет на гасоводот технички би можеле да покријат замена на руски гас од 1.700 терават часа, но во практика може да останат неискористени поради ограничениот глобален капацитет за втечнување и обврските на доставувачите на ЛНГ кон Азија, соопшти институтот.