Народната банка применува напредни практики во однос на транспарентноста и ужива висока доверба од јавноста, благодарение на водењето на конзистентни политики кои овозможуваат макроекономска стабилност. Ова се наведува во Извештајот од мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), спроведена во рамки на Кодексот на транспарентноста, а објавен на 28 јануари 2022 година.

Народната банка е втора централна банка во светот, за којашто ММФ направи оцена на применуваните практики за транспарентноста, со предвидените принципи во рамки на ревидираниот Кодекс на транспарентноста на ММФ, донесен во јули 2020 година.

ММФ спроведе мисија во која детално ја испитуваше поставеноста на практиките и процесите кои овозможуваат транспарентност на Народната банка во однос на работењето, комуницирањето на политиките, активностите, резултатите, како и во поглед на деловните односи.

Согласно наодите од Мисијата на Фондот, од вкупно 90 принципи за транспарентност, за 42 принципи Народната банка применува посеопфатни практики од бараните, додека 32 принципи се во рамки на барањата на кодексот. Останатите принципи, како што констатираше Мисијата, не беа во опфат на оценката, имајќи предвид дека транспарентноста во делот за банкарско работење и пазарнаta инфраструктура се оценува со други стандарди, додека за принципите во однос на заштита на потрошувачите Народната банка сеуште нема законски мандат.

Комуникациите се високо во приоритетите на современото работење на централните банки, бидејќи колку полесно се сфатат одлуките на монетарната политика, толку ќе биде поголема ефикасноста и ефективноста на реализацијата на поставените цели. Оттаму Народната банка, согласно Стратегискиот план 2022-2024, како една од стратегиските цели го идентификуваше континуираното преземање активности за навремено информирање за одлуките, активностите, согледувањата и оцените на Народната банка, коишто се од значење за економските субјекти и граѓаните, вклучително и во процесите на носење одлуки.

Во оваа насока се планира спроведување на Проект за унапредување на транспарентноста и достапните информации за функциите, активностите и работењето на Народната банка, согласно препораките од мисијата на ММФ, како и спроведување на анкетно истражување во однос на поставеноста на комуникациската стратегија на Народната банка и организирање работилници и куси средби со новинарите.