Фото: Министерство за одбрана на Украина

Руските и украинските сили најверојатно ќе се соочат со „променлив“ борбен морал и дезертерство, се вели во извештајот на британското Министерство за одбрана заснован на информации од британското разузнавање, јави германската новинска агенција ДПА.

– Украинските сили веројатно претрпеа дезертирање во последните недели, но рускиот борбен морал е многу веројатно се уште проблематичен – напиша Министерството на Твитер во својот најнов извештај.

Продолжуваат случаите во кои цели руски единици одбиваат да извршуваат наредби, но и случаи во кои има конфликт меѓу офицерите и нивните војници, додаваат од Министерството.

– Факторите кои придонесуваат за нискиот руски борбен морал вклучуваат лошо раководство, ограничена способност за ротирање на конфликтните единици, многу големи жртви, исцрпеност од борбите, лоша логистика и тешкотии за исплата на платите – напиша Министерството.

Двете страни „продолжија артилериско гранатирање“ северно, источно и јужно од Северодонецк во последните денови, со „мали промени на линијата на бојното поле“, се вели во соопштението.

Руските сили продолжија да го напаѓаат подрачјето околу Северодонецк во источна Украина со тешка артилерија и ракети, соопшти утрово украинската армија.

Главниот штаб на украинската армија призна дека нивните сили претрпеле пораз во населбата Метолкине, југоисточно од Северодонецк, клучен град во областа Луганск, кој Русите се обидуваат да го освојат со недели.

Русите тврдат дека многумина украински бранители се предале.

– Непријателот постигна делумен успех благодарение на тешкиот артилериски оган и пешадискиот напад – соопшти синоќа украинската армија.

Серхи Хаидаи, украинскиот гувернер на областа Луганск, на својот Телеграм-канал објави за „тешките борби“ во Метолкине.

Повикувајќи се на проруските сепаратисти, руската новинска агенција Тасс објави дека „многу украински борци се предале во Метолкине“.