Бугарија во моментов ги разгледува сите свои договори со „Газпром“, како што е и транзитот на руски гас за Србија и за Унгарија, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков

По прекинот на испораката на руски гас за Бугарија

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ од вчера ја спроведе заканата дека ќе ја прекине доставата на гас до Полска и до Бугарија поради нивното одбивање да го платат овој енергент во рубли. Реакцијата на „Газпром“ доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин побара од т.н. „непријателски“ држави да почнат да го плаќаат во рубли гасот што го купуваат од официјална Москва, а Полска и Бугарија одбиваа досега. Бугарскиот министер за енергија Александар Николов изјави дека Бугарија може да ги задоволи потребите на корисниците во својата држава барем уште еден месец.
Цевководот што минува низ Бугарија може да служи како транзитен вод за Македонија, со што има техничка можност за непречен проток на природен гас кон земјава, порачуваат од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), во врска со најавите од страна на Русија за стопирање на испораката на природниот гас кон Бугарија.
– Според достапните информации со кои располагаме, „Макпетрол“, кој е долгогодишен трговец со природен гас, ги има намирено обврските кон „Газпром“ навреме, што подразбира стабилна испорака на природен гас. Сепак, состојбата е комплексна и континуирано се следи и зависи од одлуките што ќе ги донесе Русија – дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас – велат од РКЕ.
Испораката на природен гас не е прекината, изјави вчера министерот за економија Крешник Бектеши, по информациите дека руски „Газпром“ ја прекинал испораката на гас кон Бугарија и Полска.
Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека неговата земја е подготвена за прекинот на испорака на руски гас. Петков на почетокот на седницата на бугарската влада рече дека во моментов се разгледува договорот за транзит на гасот низ неговата земја.

– Бугарија нема да подлегне на рекет и уцени да го плаќа природниот гас во руски рубли, а во исто време нема да го намали снабдувањето со природен гас за потрошувачите во земјата. Министерството за енергетика на Бугарија има јасен акциски план во сегашната ситуација – рече Петков. Тој додаде дека Бугарија во моментов ги разгледува сите свои договори со „Газпром“, како што е и транзитот на руски гас за Србија и за Унгарија, бидејќи „едностраната уцена не е прифатлива“.
Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, во телефонскиот разговор со Петков најавил помош за Бугарија. Грчката фирма за набавка на гас „Депа трејд“, која е најголем увозник на руски гас, има договор за испорака на овој енергент, кој истекува за 30 дена. Власта во Атина ги презема сите неопходни мерки во случај на прекин на испораката на руски гас преку гасоводот „Турски тек“.
Министерката за рударство и енергетика на Србија, Зорана Михајловиќ, вчера изјави дека снабдувањето со гас преку Бугарија се одвива непречено.
– Гасот од „Газпром“ транзитира кон Србија во вообичаените количества, односно околу шест милиони кубни метри гас – изјави таа за српските медиуми.
Во случај на намалување на количеството на гас, Србија има алтернативен извор од „Банатски двор“, каде што има резерви за 21 ден, а од испорачаниот руски гас располагаат со резерви за 22 дена. Како опција е и користењето на другите извори на енергија, главно со користење на мазутот.

Договорот на Србија со Русија за испорака на гас трае до 31 мај и, според него, треба да се испорачуваат шест милиони метри кубен гас на дневно ниво и тој доаѓа преку Бугарија. Приоритетите на српската влада се да се набави доволно количество за зимскиот период кога се потребни 15 милиони метри кубни гас, а во летниот период потрошувачката е 4,6 милиони.
Во своето соопштение, „Газпром“ ги предупреди Полска и Бугарија да не преземаат неовластени количества од гасот што минува низ нивните држави на пат кон други клиенти. Доколку го направат тоа, испораките за транзит ќе се намалат за волуменот на гасот што овие две држави неовластено би го презеле, тврди „Газпром“.
Единствената земја-членка на ЕУ што засега го купува рускиот гас во рубли е Унгарија. Најавата на „Газпром“ дека еднострано ја запира испораката на гас за клиентите во Европа е уште еден обид на Русија да го користи гасот како инструмент за уцена, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула. фон дер Лејен.

Подготвил: Митко Јовановски