Фото: Александар Вучиќ/ инстаграм

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека вчерашните избори во четирите општини во Косово кои се со мнозинство српско население, се дебакл за косовскиот премиер Албин Курти и тектонска промена односно покажуваат нова политичка реалност.

Според Вучиќ, српскиот народ со бојкотот на изборите вчера покажал дека бара поинаков пристап, пред сè од меѓународната заедница, и оти сака поголема почит и реален дијалог, а не наметнување проблеми. На повеќе гласачки места, наведе тој, не гласал ниту еден граѓанин, а единствената српска кандидатка од вкупно девет, Слаѓана Пантовиќ, освоила само пет гласа.

Според Вучиќ ова е дебакл и на Курти и на Квинтата (петорката земји: САД, Италија, Германија, Обединетото Кралство и Франција), како и на сите оние што го охрабрувале косовскиот премиер и се лажеле себе си дека „проблемот е во криминалните српски структури на северот на Косово“.

Најзначајно, пак, истакна српскиот претседател е што нема суштински дијалог.

-Она што е можеби н најважна порака и нам и на целиот свет е дека нема суштински дијалог. Ние не разговараме, не добиваме наметнати документи кои се секогаш во корист на албанската страна бидејќи Квинтата ја поддржува – рече Вучиќ.

Резултатите, нагласи тој, претставуваат сосема нова политичка реалност.

Локалните избори на северот на Косово вчера се одржаа во четири општини: Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан. Србите, кои се мнозинство, ги бојкотираа па од над 45.000 граѓани со право на глас излегоа само 1.567 гласачи или 3,47 отсто.