Фото: Принтскрин/Јутуб

Во тензична ситуација, во која не изостанаа ниту физички напади, чадни бомби и со бројно присуство на припадниците на Националната гарда, денешната пленарна седница на албанскиот Парламент, на која на дневен ред беше Нацрт-буџетот за идната година, наместо маратонска расправа, заврши за пет минути.

Опозициските пратеници приврзаници на Сали Бериша, како што и најавија, најпрво со столчиња ја блокираа говорницата, по што продолжија со веќе виденото сценарио во последните четири седници на парламентот.

Тие, покрај другото, беа против присуството на гардистите, па дури и физички нападнаа неколку од нив.

Претседателката на парламентот, Линдита Никола, откако оцени дека нема можност за нормална работа, го стави на гласање нацрт-буџетот, кој начелно беше усвоен со 83 гласови на пратениците од мнозинството и дел на опозицијата, по што седницата заврши.

– Истата сцена. Единствена нова работа е одобрувањето на најголемиот јавен буџет во историјата. Се работи за 7 милијарди евра, што е двојно повеќе од буџетот од 2013. Денеска кога требаше да зборуваат, го видовме истото сценарио. Единствено што треба да остане во умот на секој Албанец е буџетот кој штотуку го одобривме од 400 милиони евра плус за зголемување на платите – рече по седницата Бленди Чучи, координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија.

Газмент Барди од групата на Бериша, по завршувањето на седницата, ја нарече незаконска бидејќи за неполни пет минути почнала, се гласало и завршила.

– Што се однесува до битката на опозицијата, ќе ја продолжиме во Собранието. Нема да дозволиме нормална работа на Собранието. Четири минути и 29 секунди пленарна седница, значи дека Собранието влегло во незаконитост. Во ниту еден момент не сум изјавил дека ќе го блокираме гласањето, бидејќи крадците со пратенички мандат ги имаат гласовите да ги одобруваат законите. Но, нашата битка е да му покажеме на секој граѓанин дека ова не е Собранието што го претставува него. Ќе следиме и други институционални чекори врз основа на нашата определба – рече Барди.

За Бериша, пак, се е антиуставно по „наредба премиерот Еди Рама и реализирано од неговиот полтрон Линдита Никола“.

Албанскиот премиерот Еди Рама преку објава на социјалната мрежа „Екс“ реагираше по хаосот создаден денеска во законодавниот дом, оценувајќи дека „опозицијата го допрела дното“, поддржувајќи го поранешниот премиер Сали Бериша „лице барано од правдата“.

– Во политиката го внесоа вокабуларот и уличните манири фрлајќи ја политиката во средина на четирите патишта, сеејќи хаос, насилство и жнеење загуба, загуба, загуба … Тие веќе стигнаа до крајот, преземајќи ги маките на едно лице барано од правдата, кој нема да ги ослободи додека не се распарчат и не излезат на парчиња над водата, како остатоци од потонат брод – пишува Рама.

Веднаш по објавата на Рама, реагираше Газмент Барди, кој ја предводи групата, од 45 демократски пратеници, приврзаници на Бериша, нарекувајќи го „кукавица фатен на дело, кој внесе 65 чувари во салата за да го заштитат“, бидејќи според него, се плашел од опозицијата.

– Еди Рама внесе во политиката и во парламентот претставници на организираниот криминал, шверцери, убијци и крадци, со што Албанија стана единствената земја во Европа на која и требаше усвојување на закон за декриминализација на политиката. Денеска како кукавица фатен на дело со коруптивни афери вредни милиони евра, кои секојдневно ги истражува и суди правдата, внесе 65 редари во собраниската сала, за да го заштитат додека тој го одобруваше буџетот со кој се финансираат само коруптивни ЈПП и проекти кои вбризгуваат повеќе пари за тендери кои се контролирани од организиран криминал – напиша Барди.

Денешната пленарна седница на чиј дневен ред беше нацрт-буџетот за идната година, траеше само пет минути поради хаосот што го направија опозициските пратениците, но сепак истиот беше усвоен.