Српскиот министер за надворешни работи и вицепремиер Ивица Дачиќ за време на гостувањето на РТС изјави дека Албин Курти е единствениот виновен за она што се случи на Косово викендов. Тој истакна дека не му е јасно според кој член од Резолуцијата 1244 или од Бриселскиот договор косовската полиција се наоѓа на северот на Косово.
Тој рече и дека видеото кое на Фејсбук го објави косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечла, воопшто не е од ноќта кога се случи инцидентот, односно дека се работи за измама. Свечла напиша дека на видеото се гледа и Милан Радоичиќ, потпретседателот на Српската листа, кој е на црната листа на САД и Велика Британија.
– Не оправдуваме никакви насилни дејствија, жалиме за убиството на полицаец, за загубата на српски животи и за тоа што се случи таков инцидент кој не е во интерес на Србија – рече Дачиќ, пренесува „Нова“.
Тој додаде дека Приштина, како и српската опозиција, одговорноста ја префрлаат на Александар Вучиќ. Потоа се осврна на спорното видео, велејќи дека на снимката „можете дури и да го видите снегот“.
– Имаше и снег, што значи дека не е снимка од тој ден – нагласи тој.
Дачиќ повтори дека Белград се бори за мир и за правата на Србите и дека поради сето тоа нема да дозволи натамошна ескалација.
– Мизерно е што на овој начин на сметка на државните органи сакаат да докажат дека Србите се терористи кои учествувале во сето ова – заклучува тој.