Македонскиот диџеј и продуцент Галоски бележи нов голем меѓународен успех. Неговото најново издание „Step“ се најде на бројот 9 меѓу десетте најпуштани траки од други диџеи во светот во изминатиот месец, според податоците на „1.001 Траклистс“ На глобалната листа „Step“ се најде во друштво со изданија од „Свeдски хаус мафија“, „Медуза“, „Клуни“, „Проспа“, „Адријатик“ и други актуелни имиња од светската електронска сцена.
Ова е уште позначајно бидејќи „Step“ е независно издание објавено преку „Сајд ефектс“, новата издавачка куќа на Галоски. Во август тој објави две нови изданија – „Step“ и „Come Closer“, со кои го започна новото поглавје на сопствената издавачка куќа.
Зад најновиот резултат стои и исклучително активно лето за Галоски. Неговата музика се вртеше во сетови и радиоемисии на Дејвид Гета, „Свeдски хаус мафија“, Армин ван Бурен, Мартин Гарикс, Димитри Вегас и Лајк Мајк, Феде ле Гранд, Ники Ромеро и многу други, со што продолжи поддршката што тој ја добива од дел од најголемите имиња во електронската музика.
Неговата музика ова лето се слушна и на „Тумороуленд“, со што Галоски втора година по ред има свои траки пуштени на еден од најголемите фестивали за електронска музика во светот.
Но со ова не завршува активниот период – веќе на 11 септември тој имаше најавено ново издание за „Смеш д хаус“, светски познатата издавачка куќа на Димитри Вегас и Лајк Мајк, додека уште едно ново издание е планирано за октомври 2026 година.
Последните резултати се продолжение на повеќе од 20 години континуирано присуство на Галоски на електронската музичка сцена. Низ годините тој има објавувано музика за меѓународни издавачки куќи, неговите изданија редовно се наоѓаат во сетовите на водечките светски диџеи, а претходно беше вброен и меѓу стоте најподдржувани артисти во електронската музика во светот според „1.001 Траклистс“.
Со деветтата позицијата на „Step“, двете августовски изданија, присуството на „Тумороуленд“ и новата музика што следува во септември и октомври, Галоски продолжува со силно меѓународно присуство и во 2026 година.






























