Цените на нафтата денеска повторно значително пораснаа, додека европскиот природен гас се задржа на исклучително високо ниво поради загриженоста за снабдувањето со енергенси од Блискиот Исток.
Северноморската нафта „брент“ во еден момент од претпладневното тргување поскапе за повеќе од два процента и достигна 108,18 долари за барел, објави „Ројтерс“.
Американската лесна сурова нафта ВТИ (WTI) се тргуваше за околу 103,85 долари за барел, што исто така претставува раст од повеќе од два процента.
Растот на цените следува по новите напади на Блискиот Исток и прекинот на работата на нафтоводот Исток – Запад во Саудиска Арабија. Нафтоводот овозможува извоз на саудиска нафта преку Црвено Море, со што се заобиколува Ормускиот Теснец.
Пазарите стравуваат дека подолготрајниот прекин на нафтоводот, заедно со ограничениот сообраќај низ Ормускиот Теснец, дополнително ќе ја намали понудата на светскиот пазар.
Цената на европскиот природен гас на холандскиот пазар ТТФ се движеше околу 82 евра за мегават-час. Иако во текот на тргувањето забележа мало намалување, гасот остана на високо ниво поради неизвесноста околу испораките на течен природен гас од Персискиот Залив, објави „Волстрит џурнал“.
Поскапувањето на енергенсите ги засили стравувањата од нов инфлациски притисок. Паневропскиот индекс СТОКС 600 претпладнево се намали за околу 0,4 проценти, при што најголем пад забележаа акциите на банките.
Еврото се тргуваше за околу 1,15 долари, додека златото поевтини под притисок на зајакнатиот долар и очекувањата дека американските каматни стапки би можеле повторно да бидат зголемени.































