Фото: Игор Бансколиев

Тенденциите за забавена економска активност веќе се материјализираа во вториот квартал од 2023 г. и се очекува да опстојат и во следните квартали, а економијата е под значаен ризик од понатамошно забавување

Ревидирани прогнозите за раст на светската економија

Пониските цени на енергентите и отворањето на Кина ѝ помогнаа на светската економија на почетокот на годината. Оваа констатација тогаш оптимистички ја објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), зголемувајќи ја прогнозата за раст. Меѓутоа, последиците од построгата монетарна политика се сѐ повидливи.

Сѐ повидливи последици од заострената монетарна политика и економскиот раст забавува

Светскиот БДП треба да порасне за три отсто оваа година, проценува ОЕЦД, зголемувајќи ја процената од јуни за 0,3 процентни поени. Според нивните пресметки, лани пораснала за 3,3 отсто.
Во 2024 година, активноста треба да порасне за 2,7 отсто, што е за 0,2 процентни поени послабо отколку што проценуваа во јунскиот извештај.
– Благодарение на пониските цени на енергијата и отворањето на Кина по укинувањето на пандемиските ограничувања, светската економија порасна посилно од очекуваното на почетокот на годината – истакнува ОЕЦД.
Растот сега треба да забави, оценуваат тие и додаваат дека сѐ повидливи се последиците од заострената монетарна политика, дека слабее расположението на компаниите и потрошувачите.
Американската економија се покажа како отпорна на зголемените трошоци за задолжување оваа година, посочува ОЕЦД, проценувајќи дека активноста ќе порасне за 2,2 отсто во 2023 година, што е за 0,6 процентни поени посилно отколку што очекуваа во јуни.
Во 2024 година, построгите услови за финансирање „ќе го олеснат притисокот на побарувачката“, а економијата значително ќе забави со прогнозирана стапка на раст од 1,3 отсто.
Во еврозоната побарувачката е веќе придушена, па БДП годинава ќе порасне за 0,6 отсто, што е за 0,3 процентни поени пониско од очекуваното во јуни. Намалена е и процената за следната година, за 0,4 процентни поени, на 1,1 отсто.
Активноста во зоната на примена на заедничката европска валута благо ќе се забрза во наредната година, бидејќи негативното влијание на високата инфлација врз реалните приходи ќе ослабне, наведува ОЕЦД.
Германскиот БДП треба да се намали за 0,2 отсто оваа година и да се зголеми за 0,9 отсто во 2024 г. Во јуни, ОЕЦД прогнозираше стагнација за најголемата европска економија оваа година и раст од 1,3 отсто во 2024 година.

Во Македонија стопанската активност во надолен тренд

Неизвесноста во македонската економија останува и понатаму присутна, со изразени тенденции за забавена економска активност во остатокот од годината. Стапката на раст на БДП во второто тримесечје од 2023 година е 1,1 отсто, според проценетите податоци на Државниот завод за статистика. Економскиот раст не се одвива според очекувањата, што е причина економските експерти да ги намалат очекувањата за вкупниот раст на домашната економија.
Институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ во последниот макроекономски монитор ја намали проекцијата за раст на БДП, кој, според нив, оваа година ќе изнесува само 1,7 отсто, наместо претходно очекуваните 2 отсто, додека, пак, се очекува поголема инфлација од претходно.
– Според нашите анализи во вториот квартал од годинава, БДП се зголеми за 1,1 отсто на годишна основа, што претставува забавување на економската динамика во однос на претходниот квартал. Тенденциите за забавена економска активност, очекувани во претходниот макромонитор, веќе се материјализираа во вториот квартал од 2023 и се очекува да опстојат и во следните квартали. Економијата е под значаен ризик од понатамошно забавување – посочуваат од „Фајненс тинк“.
Според Народната банка, од структурен аспект, намалениот раст на БДП од 1,1 отсто произлегува од нето-извозот, дополнет и од личната потрошувачка, која постепено забавува.
– Остварувањата во првата половина од годината се малку подобри од проекциите на Народната банка, но ризиците од надворешното окружување за економската динамика и натаму се неповолни. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина, но засега податоците покажуваат мали негативни движења кај индустриското производство, како и умерено продлабочување на реалниот пад кај прометот во вкупната трговија – нагласуваат од Народната банка.

Економијата подолг период во сенка на политичките прашања

Како што вели претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, состојбата во економијата е во лоша состојба, а како причини, освен погрешните политики на власта, имаат удел и надворешните влијанија во негативните резултати што ги испорачува реалниот сектор.
– На светско ниво има многу неповолни случувања, ретко кој може да биде оптимист и да очекува позитивни резултати. Целото стопанство се бори и со растот на цените и со растот на цената на работната сила, и со многу други аспекти што влијаат во економското работење. Генерално годинава досега не може никако да се оцени баш како поволна, а како ќе заврши не може сега да се каже, а може да се види дека стапката на економски раст е на граница на статистичка грешка – додава Ангелоски.
Во однос на бизнис-климата, која е клучна за едно стопанство, од Стопанската комора на С. Македонија велат дека економијата подолг период е во сенка на политичките прашања, никако економските проблеми да добијат приоритет за решавање.
– Очекуваме, како бизнисмени, еднаш во три или шест месеци да ни се каже визијата на државата за ние да го следиме тој процес. Нас нѐ интересира дали ќе можеме слободно да ги продолжиме бизнисите и инвестициите и мора да го надминеме секој проблем ако сакаме раст на извозот, како краен производ што ќе ни овозможи повисок стандард, повисок БДП и вклучување во евроинтеграциите – истакнуваат од СКСМ.