ЛЕТОТ И ЛАВИРИНТОТ – ЕРОС И ТАНАТОС ВО СЛУЖБА НА ЧУДОТО (2)

„Несоборливи“ аргументи на бувот Сократ за вистинитоста на летот на Дедал и Икар се и мноштвото паметни и учени студии од други луѓе за овој настан. Еден од тие многубројни толкувачи со име како да е излезено од стрип, а не како да му припаѓа на угледен ликовен теоретичар на трансавангардата, Акиле Бонито Олива – има своја верзија за Икаровиот пад, според Сократ, трогателно поетизирана: Икар стрмоглаво се руши, без ниеден крик, го привлекува почвата, зашто веќе нема опрема за летање. Крилјата отпаѓаат, опојноста на растојанието и погледот од височините се исцрпува во еден единствен миг. Икар не го следеше прирачникот за летање, не ја употреби природната итрина на уметноста. Дедал, уметникот, немо присуствува на Икаровиот пад. Олива го врзува Дедаловото име со глаголот daidalen = да се гради, да се дејствува преку умешноста на рацете. Градењето на Лавиринтот е триумф на technѐ, а притоа,,.. technѐ не е во служба на исходот, туку на самата постапка оддалечена од секаква конечност, обземена со задоволството на апстрактната, мисловна примена“. Во загатнувањето на смртоносната тајна на Лавиринтот, Дедал го користел своето докажано градителско искуство, но и она на врвен резбар на слики во дрво – оттаму изненадувањето на детаљот, постојаното заплеткување на патеката, внесеноста во внатрешноста. Дедал ја осознава својата уметничка моќ во процесот на создавањето на Лавиринтот. Најнепосредно вграден во градењето, а цврсто со нозете на земја, тој, супериорниот творец, е единствениот што знае каде е патот кон излезот.
Отпорниот фантазер Дедал и кон летањето приоѓа како кон градителски проект: со подготовка, планови, нацрти, а потоа и со внимателна вештина (неопходната technѐ) во изработката. Дедал го уважува небото, како што ја уважувал земјата при градбата на Лавиринтот (- А зошто тогаш не летале ноќе? – итро прашува Сократ). Осознавајќи ги границите на потенцијалната и практичната слобода во ризичната игра со Елементите, Дедал ги определува, планира и изведува иновантните идеи на својата неограничена имагинација.

А каде е тука Икар? Со темперамент најблизок до музичкиот (а постоен во сите сфери на уметноста), тој нестрпливо исчекорува, брзо се судира и ги решава конфликтите и не почекувајќи го решението, ита (лета) кон следниот предизвик. Прикриениот антагонизам татко – син го разградува лабавото единство градител – музичар внатре, во самиот уметник (многу повеќе од она уметник – критичар на кое инсистира Олива), па од тој аспект, игнорирањето на стапалата кај Икар и неговиот некритичен восхит кон севкупното царство на височините, резултира со еден вид самоубиство што дионизискиот летач го извршува во опивност, не почитувајќи ги законите на тоа небесно, навидум тотално ослободено царство. Наспроти другите самоубијци, Икар нема помодрено лице, ниту нагрдено тело. Тој е пламена топка, метеор чија огромна радост што го почувствувал митолошкиот божествен простор му го запалува телото. Кревката граница меѓу итрината и спонтаноста, меѓу конкретноста и занесот, меѓу свеста и натсвеста е двојно подвлечена меѓу таткото Дедал и синот Икар. Икар, иако не со божеско потекло, е несомнено еден од правнуците, еден од наследниците на Прометеј, чиј бунт против диктаторскиот систем, секогаш (и кога се работи за врвен играч) завршува со саможртва. Според Жан-Пјер Вернан: „Прометеј никогаш не помислил да биде крал“.

(продолжува)