Феноменот на фемицидот: Уште едно во низата злосторствa од омраза врз жените во нашата држава

Завчера рано утрото во Кочани, по претходна меѓусебна расправија, средовечен маж физички нападнал 46-годишна жена, при што ѝ нанел смртни убоди од кои таа починала. Убиството се случило пред куќата во која живеела жената, во моментот додека се подготвувала да оди на работа, како што потврдија од СВР–Штип и од Општата болница во Кочани. Медицинската екипа констатирала над 40 убодни рани од кои жената починала на самото место.
Ова е последниот во низата случаи на фемициди кај нас. Се чини дека иако Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан што воведе посебно кривично дело фемицид со неодамнешните измени на Кривичниот законик од март 2023 година, судството треба да почне да ја спроведува таа одредба и во практиката.
Фемицидот се разликува од другите форми на убиство бидејќи станува збор за родово убиство, убиство на жена само поради тоа што е жена, а основните причини се разликуваат од другите видови убиства и се поврзани со општата положба на жените во општеството, дискриминацијата врз жените, родовите улоги, нееднаквата распределба на моќта меѓу мажите и жените, вообичаените родови стереотипи, предрасуди и насилство врз жените. Сепак, тој во повеќето земји не се третира како посебно кривично дело.
Според некои експерти, со вклучување на фемицидот во кривичниот закон би се признала мизогинистичката природа на овие злосторства, но исто така ќе се има пристап до поточни податоци, што на крајот може да резултира со подобра заштита за жените.

Фемицид во законот

Откако Хрватска најави нови мерки и построги казни за борба против насилството врз жените, како и специјалното кривично дело тешко убиство на жена, со што приоритет е построго казнување на насилството и зајакнување на правата на жртвите, прашањето за фемицидот се актуализира и кај нас.
Станува збор за измени на повеќе закони, а меѓу новитетите, покрај кривичното дело фемицид, има и притвор за прекршување на заштитните мерки, повисоки казни за силување и информирање на жртвата за ослободување на сторителот. Со измените и дополнувањата на повеќе закони, меѓу другите, Кривичниот законик, Законот за заштита од семејно насилство, Законот за судовите и Законот за семејство, се укинува застареноста на сите тешки кривични дела како сексуална злоупотреба и експлоатација на деца, се воведува правото жртвата да поднесе жалба против решението за заштитна мерка, а полицијата добива овластување да го приведе насилникот кога постои сомневање дека е прекршена мерката.
Измените на законот во Хрватска ќе бидат пуштени на јавна расправа за да бидат усвоени на почетокот на 2024 година. Граѓанските здруженија и народниот правобранител за родова еднаквост ги поздравија најавените мерки.

Македонија прва земја во регионот што воведе посебно кривично дело

Во Македонија од 2019 година досега се евидентирани дваесетина случаи на фемицид. За четири години се поведени 17 кривични постапки за фемицид, во кои се убиени 19 жени. Повеќето од жртвите настрадале од раката на своите поранешни или сегашни партнери или сопружници, а убиствата најчесто се случиле во нивните домови, покажа најновиот извештај за фемицид во Македонија, презентиран на конференција на почетокот на месецов во Скопје.
Конференцијата „Фемицид во Северна Македонија и Западен Балкан – меѓународни стандарди и пракса на судовите“, организирана од центарот АИРЕ и Академијата за судии и јавни обвинители на Македонија, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, собра над 100 судии и други правни професионалци, доносители на одлуки, активисти и претставници на невладини и меѓународни организации. Учесниците ги испитуваа правните и општествените аспекти на фемицидот и дискутираа за стратегиите што можат да придонесат кон подобра заштита на жените и справување со проблемот на фемицид и сите други облици на родово базирано насилство.
Мнозинството од фемицидите што беа испитувани како дел од овој извештај биле извршени со употреба на ладно оружје, а огненото оружје е второто најзастапено оружје што било користено при убиствата. Мнозинството од 17-те сторители биле невработени и имале психоза. Од 17 судски постапки што беа испитувани како дел од овој извештај, судот во 14 случаи утврдил дека сторителите биле виновни и ги осудил на казна затвор. Во три постапки биле одредени мерки на безбедност (задолжителен третман во здравствена установа), со оглед на фактот дека сторителите не биле пресметливи во времето на извршувањето на кривичното дело.
Македонија презеде значителни чекори во насока на усвојување на меѓународните стандарди и донесување правни акти чија цел е ефективно гонење за родово базирано насилство и спречување на тоа насилство, но нивното ефективно спроведување останува проблематично.
Кренар Лога, министер за правда на Македонија, изјави дека мора да има „нулта толеранција за насилството врз жените, бидејќи тоа е груба повреда на човековите права и дискриминација врз жените“.
– Тоа е повреда на човековите права што се заканува не само на сигурноста и безбедноста на жртвите туку и ги попречува жените и девојчињата да бидат целосни и еднакви учесници во општеството – објасни Лога.
Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, вели дека иако со децении се зборува за превенција на насилството врз жените, тоа не дало плод.
– И покрај гласноста, постојаната едукација, покрај променетиот институционален пристап, унапредувањето на законската рамка, законската обврска за должно внимание со кое треба да се пристапува кон секој случај, спроведувањето голем број кампањи за подигање на свеста, сепак насилството врз жените и понатаму е присутно, често непријавено, неказнето, а, за жал, во изминатиот период бевме сведоци и на зголемен број фемициди – рече таа.
Наташа Габер-Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, кажа дека новите измени на Кривичниот законик, иако експлицитно не го користат терминот „фемицид“, успешно го опишуваат ова квалифицирано кривично дело според современото сфаќање за него.
– Генерално гледано, законската рамка по однос на родово базираното насилство и семејното насилство дава добри основи за дејствување, но мора уште многу да се работи за да зајакне самата нејзина имплементација. Исто така, сериозно треба да се работи на формирањето казнена политика, која поадекватно и построго ќе го казнува сторителот на ова дело – објасни Габер-Дамјановска.
Косана Бекер, програмска директорка на „ФемПлац“ и членка на Регионалниот одбор на Мрежата на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност, нагласи дека Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан што воведе посебно кривично дело фемицид со неодамнешните измени на Кривичниот законик од март 2023 година.
– Нашиот регионален извештај јасно ја покажува потребата за одделно инкриминирање на фемицидот и ние сме многу задоволни од фактот дека Северна Македонија е позитивен пример на добра пракса во регионот. Сега судството треба да ја спроведе таа одредба во практиката, како и да ги исполни другите препораки од регионалниот извештај – рече таа.

Повеќе од половина жени биле убиени од партнерот или од член на семејството

Фемицидот е најекстремна форма на родово базирано насилство и се дефинира како „убивање жени затоа што се жени“. Односно, станува збор за злосторство од омраза кон жените, кое е мотивирано од полот на жртвата.
Според Светската здравствена организација (СЗО), „повеќето случаи на фемицид се извршени од партнери или од поранешни партнери, на кои често им претходат злоупотреба, закани или заплашување, сексуално насилство или ситуации во кои жените имаат помала моќ или помалку ресурси од нивните партнери“. Фемицидите се поделени во две категории: интимен и неинтимен фемицид. Првото се однесува на убиство на женско лице од сегашен или од поранешен партнер, а второто на убиство на жена од лице со кое не биле во интимна врска.
Неинтимниот фемицид, на пример, се однесува на убиство на жени за време на оружен конфликт, „убиство заради чест“, каде што е извршено поради наводен срам нанесен на семејство од страна на жена, убиство на жени поради раса или сексуалност, фемицид извршен од други жени и убивање трансродови жени.
Нема глобални или стандардизирани податоци за фемицидот. Според глобалниот извештај за убиствата на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) објавен во јули 2019 година, кој изнесува податоци за 2017 година, 87.000 жени низ светот намерно биле убиени таа година. Повеќе од половина од нив (50.000) биле убиени од нивниот интимен партнер или од член на семејството.
– Недостигот од податоци го крие вистинскиот обем на насилство – пишува Европскиот институт за родова еднаквост, чии резултати од анкетата за родово базирано насилство во ЕУ се очекуваат оваа година.