ШАХ – ПЕТТИ МЕМОРИЈАЛЕН ТУРНИР „ВЕНЦИ ПОПОВ 2026“

  • Турнирот беше масовен, играа 153 шахисти

Интернационалниот мајстор (ИМ) од Косово, Ндерим Сарачи (2.520 рејтинг-поени, рангиран прв пред турнирот), го освои првото место на петтиот меморијален еднодневен турнир во забрзан шах „Венци Попов 2026“ во Гевгелија, во чест на прерано починатиот истакнат македонски шахист од овој град, со што го одбрани првото место од минатата година.
Турнирот, кој беше во организација и спонзорство на семејството Попови, а во соработка со ШК 7 Ноември, беше масовен, играа 153 шахисти (два ВМ, седум ИМ, пет ФМ, еден ЖФМ) од Македонија, Србија, Грција, Бугарија и од Косово. По девет кола, Сарачи освои осум поени. Втор е македонскиот репрезентативец ИМ Тони Лазов (2.394, рангиран втор) со 7,5 поени, а трет ИМ од Србија, Милош Станковиќ (2.459, рангиран трет) со седум поени, колку што имаа уште шестмина, но со послаби дополнителни критериуми. Од деветте шахистки, најдобра беше ЖФМ од Грција, Евангелија Сискоу (2.016) со седум поени, а најдобра македонска шахистка беше Елисавета Бурнс (1.970, рангирана 68.), која со пет поени е на 62-то место.
Венци Попов (1962-2013) бил повеќекратен пионерски, младински и сениорски првак на Гевгелија и трикратен младински шампион на Македонија (1978, 1979, 1980), а победил на повеќе турнири кај нас и во странство. Бил претседател, играч и тренер на ШК 7 Ноември, а настапувал и за повеќе реномирани македонски клубови. Г.И.