- Иран е ново време – од постхолокауст во нов холокауст. Ајатоласите Хомеини и Хамнеи цврсто се држеа дека Израел, а потоа и Евреите („ционисти“) треба да се уништат тотално, со нож, со сабја или со атомска бомба. Некогашниот голем пријател на Израел и Евреите стана идол за јудеоцид и израелоцид, исто како што некогашниот дом на Евреите – Германија, го донесе Хитлер. Иран мисли дека со јудеоцид ќе ги придобие сите исламски држави и ќе биде Алахов лидер месија
- Убавината и умот на Персиската Империја („булката“) се самозаробија во историјата на моќта (Еламити, Медијци, Ахемениди, Александар, Селевкиди, Парти, Сасаниди, исламот – Тахириди, Саманиди, Селџуци, Монголи, Сафавиди, Афшариди, Каџари, Пахлави и ајатоласите) – во суров систем („каменот“)
Шеријатот е пат кон Бога (Алах). Тој е законска слика на Куранот. Не е страшен како што го прикажува секуларниот свет, но сепак има некои „сечила“. Ако се водиш по шеријатот, ќе се откажеш од другите религии. Алах е законот. Веруваш, значи вредиш. Ако не, следува сурова казна. Интерпретациите се разликуваат и „на еден легален став има десет мислења“ вели Абу ел Фадл, исламски јурист. Има пет патишта: вера (Дин), живот (Нафс), ум (Акл), фамилија (Насл) и имот (Мал). Потоа законот забранува експлоатација (при работа, лихва, коцка), промовира заштита на малцинствата, договорите да бидат фер, транспарентни и без физички напади. Дали е така во праксата? Па зошто Западот се ужаснува? Прво жените – полигамија, присилна облека и живот. Во Иран жените може да се школуваат за разлика од владеењето на талибанците, каде што третманот им е буквално „како стока“, сѐ во име на шеријатот. Значи има дихотомија и кај џихадизмот. Фемицидот во исламот е „специјалитет“. На пример велат дека дното на Босфорот е исполнето со остатоци од убиени жени. Најголемиот ужас е средновековниот тип на казнувањето „око за око, заб за заб“ – со сечење делови од телото, камшикување, како и масовните егзекуции. Несомнено е дека шеријатот има свои позитивни, дури и „поетизирани“ гледања под влијание од Куранот и големите суфиски мислители. Проблемот е што се злоупотребува од екстремистички идеолози со суровите архетипови во преден план.
Да ви кажам и уште едно доживување што зборува за парадоксите на случајот Иран. Еден мој другар, кој, за жал, сега не е меѓу нас, а работеше за КОС, беше пријател со синот на ајатолахот Монтазери. Сакаше да направиме врска со еден мој пријател генерал на ДИА (воена разузнавачка служба), па можеби ќе имаат дејство. По некој ден, генералот ми се јави и ми нареди да не се мешам во оваа работа велејќи: „Никогаш во службите не знаеш кој ти е пријател, а кој непријател“. Послушав. Инаку, подоцна од интернет дознав дека ајатолахот Хусеин Али Монтазери бил прв и единствен заменик на врховниот лидер Хомеини и покрај фундаментализмот бил симпатизер на западните режими. Сменет е и држен во домашен притвор, бидејќи се противел на масовните ликвидации. Си поставив прашање – зошто службите и политичарите не сакаат да поддржат „свој човек“? А од каде да знам дека баш Хомеини не е „нивниот човек“? И Тито во свое време го смени „својот“ човек, Ранковиќ, па и многу други под дејство на странските служби. Значи во овие ситуации дејствуваат мрежи од служби, а не една. Кога СССР влезе во тогашната Чехословачка 1968 година, Американците велеа дека се известени и договорени шест месеци однапред. Слично беше и за Украина (барем како што велеше нашиот бивш претседател). Значи, тоа се оркестрирани операции.
Уште една дигресија ни е потребна овде за да ги разбереме светот и Иран како „ензим“. Во 1970-тите години, Блискиот Исток се трансформира од надежен „исплов“ на релацијата Бегин–Садат, каде што сѐ уште постоеја традиционалните вредности – семејството, црквата, синагогата, џамијата, музиката, естетиката, моралот, зборот итн.
Мирот беше заслуга и на Кисинџеровиот интегрализам и волја да постојат израелска и палестинска држава. Два генерални концепта беа во игра – Кисинџеров (Рочилди во заднина) – „максималност“ – да се зачува интегралноста на државите и Бжежински (Рокфелеров) – за фрагментација пред сѐ на СССР и Југославија, а потоа и други. Рокфелер е присутен и во Иран кај ајатоласите, а Рочилд не. Натежна рокфелеризмот.
Доаѓа крајот на Тито, контрадикциите на социјализмот девиираат, доаѓа крајот на брежњевизмот, форсирање на џихадизмот како западен сојузник на Бжежински (Авганистан, Пакистан, цел Среден Исток – многу горка самоизмама), нов нацизам, една илузија за „миро-извесност“, пост-Голда Меир летаргичност и се подготвува мегациклон – „од Левијатан кон Луцифер“ – Иран. Иран е ново време – од постхолокауст во нов холокауст. Ајатоласите Хомеини и Хамнеи цврсто се држеа дека Израел, а потоа и Евреите („ционисти“) треба да се уништат тотално, со нож, со сабја или со атомска бомба. Некогашниот голем пријател на Израел и Евреите стана идол за јудеоцид и израелоцид, исто како што некогашниот дом на Евреите – Германија, го донесе Хитлер. Иран мисли дека со јудеоцид ќе ги придобие сите исламски држави и ќе биде Алахов лидер месија. Меѓутоа – омразата меѓу шиитите (Иран) и сунитите (сите други) е толку вкоренета уште од времето на пророкот и калиф Али (7 век), па преку британските агенти -Хамфер, Вахаб, Салафити, Лоренс, Филби, Кутб, Ал Бана, Багдади, Хафиз Саед Кан, Ел Хусеини (овде и Тито е играч), потоа самиот Мустафа Кемал Ататурк, Мосадовите агенти и практично сите агенции денес. Да скратиме – промената на режимот во Иран означи пет светски стратешко-економско-информативни феноменологии: 1) Пад на британско-францускиот империјализам (уште од 1956 г. со губењето на Суец; 2) Поместување на „влијателните групи“ во Америка и светот; 3) Односи Исток-Запад; 4) Промена на динамиката на нафтата и нејзините продукти во светот; 5) Судбина на државата Израел – дали да постои или не. Неколку признавам груби аксиоми во врска со Израел, Евреите и абрахамските религии се: 1) Израел нема да постои ни минута ако нема атомско оружје, затоа што од околната исламска империја буквално „ќе го изедат“; 2) Евреите нема да постојат ако го нема Израел; 3) Абрахамските религии (христијанство, ислам) нема да бидат исти ако се случи тоа. Една напомена: изумирање на Израел е поопасно однатре отколку однадвор. Како? Еве. Кога првпат бев во Израел (шеесеттите години), бројот на Арапи беше 6 отсто, потоа 9 отсто, а сега е 30 отсто. За кратко време ќе биде 50 отсто и тогаш – Евреи чао (како Србите во Косово). Не верувате? А Македонија. Ај да видиме. Сето ова создава параноичен страв кај Евреите – од исчезнување што може да биде акутно (нуклеарен холокауст) или хронично (демографски). Тоа е основа на параноичните напади на Израел прво врз „прокси-формациите“ на Иран – Хамас и Хезболах. А зошто брутално? Бидејќи во војна нема ангели – има напаѓачи и настрадани. Израел не е ангел. Тој е историски преживувач – живот или смрт. Мислите дека Хезболах ако може нема да го згази Израел? Нема? Ај не кажувајте ми гачки на грчки! Еден хамасовец велеше „сонувам да држам пресечена глава на Евреин и да ја јадам“. Јас му верувам – а вие? Чувајте ја Македонија – во ист сос сме. Мислам дека Евреите никој не ги сакал во историјата. Но има еден што ги засакал, и тоа инстант. Дали може да верувате? Кој? Александар! Велел дека ги сонувал како му велат дека е син на Господ. Потоа ги довлечкал во Александрија за да направи „филозофиум“. Ги довлечкал и кај нас, но за тоа ќе зборуваме другпат. Со години се прашував зошто Александар толку „ги тинтрал“ Евреите како свои? Па сега ми е јасно: ние (Евреите) сме „откачени“ типови и можеме да ги сфатиме неговите синапси (врски меѓу нервните клетки). Во однос што некои „сосема одлепени“ Евреи со сила одземаат имоти на Западниот Брег на реката Јордан, срамно е, не би сакал да ми бидат браќа. Ова не го кажувам за да се им улизувам на политичарите и љуби-џихадистите кај нас, туку како човек. Мора да имам свој столб на мислење. А војна на Израел со Турција? Леле Господе – има ли крај на глупостите? Нетанјаху пред избори и пред судење може да предизвика војна. Ердоган сонува да биде ајатолах калиф и да ја обнови Отоманската Империја. Сите се луди… луди бре! Ќе се вмеша и Грција, па Америка, Курди, Азербејџанци, можеби Ерменци, Грузијци, мигранти плева, опортунисти, комунисти, терористи, инфлација, цени, сиромаштија, жед за нормална вода…, а што со НАТО? Војната во Украина е „сврзан сад“ со Иран (економија, „шантови“ од оружје на Иран во Босна), а не знаеме што ќе биде со црноморскиот, балтичкиот појас, Калининград, Полска, Балканот… Преговори? И тоа е покер! Покерот е математика на недоверба. Амин Боже!
Понатаму сакам уште една мала дигресија за појаснување на нештата. Споменавме „длабока држава“. Тоа не е само една. Тие што во животот ги сретнав ги нарекуваат „влијателни групи“. Во 1980 година „изненадувачки“ беше избран Реган наместо Картер (поточно Реган плус Буш, кој е главен фактор за нафтата – велат разузнавачи). Сега е јасно дека групата 1 (Картер со Рокфелер и Бжежински) ги изгуби изборите (но не и моќта) поради „невнимателност“ во превратот на Иран. Реган-Буш се групата 2. Тука се Рочилди (Евелин, Јакоб, Гај, Рене, Едмонд, Леополд, Натаниел), потоа Митеран, Џејмс Голдсмит, Марк Вајнберг, Питер Вајнберг, Вајтхед (на Голдман-Сакс), Ерик Рол, Лорд Карингтон, Џејмс Бејкер, Николас Бреди, потоа нобеловците Милтон Фридман, Пол Самуелсон, Кисинџер и нашиот пријател Ели Визел, проминентни генерали итн. Да напоменам дека Рочилди се главни финансиери за формирање на државата Израел (читајте ги Симон Шама, Џејмс Мкаулим, Најал Фергусон и Фредерик Мортон). Велат Рочилди немаат врска со Иран по падот на шахот. Но друго е со Рокфелерови – Чејс Менхетн ја држеше економијата (нафта) во време на шахот, но има информации и за потоа. Значи групата 1 и групата 2 се во колизија, со шаренило, бидејќи и во втората група изби афера за продажба на оружје („Iran Contra Affair“, од таму кај нас) со судски процедури, но и очигледни замачкувања. Групата 2 ја поддржа и Перестројката – моќниот СССР го распарчија – индукција со Горбачов и Јелцин. Пред распадот, СССР имала пресметано 287 милиони жители, а Русија сега – пресметани 143 милиони – значи преполовено, а финансиската загуба – ГДП беше со пад од 45 отсто, изгубени трилиони, а сега е „рикавери“. Понатаму лично познавав луѓе од Иран, кои кажуваа дека тргувале со нафта со Америка. Постои шверц-мрежа на нафта од Иран во Пакистан, Авганистан, потоа Турција и Курдите, па дури е врзана и Саудиска Арабија. Сега имаме група 3 – Трамп плус Израел плус МАГА. Логото на оваа група е „Америка силна повторно“ – значи нешто како по Втората светска војна – најсилна во индустрија, секаков развој, мисла, демократија, закон и влијание. Секој збор од последнава реченица може да е мултитомска книга. А тоа ставено во држава значи и модерна империја. Империјата инхерентно бара експанзија (Макијавели) – она што порано го нарекував „орбита“ (од северен до јужен пол, плус Среден Исток, плус Пацифик). Без експанзија настапува контракција! Избирајте! „Секаков развој“ значи инпут и инфлација на култури, мисли, мириси, миграции, музики, бурки, табиети, гета, тревки, а тоа доаѓа во судир со дадени норми. Затоа дојде до антимиграција со судири. Израел секогаш постоел во Америка, Европа, Библијата и Куранот.
Но сега изби во „повисока“ оптика, медиумски „нектар“ – антисемитизам, а империјата има надрелигиски интереси, со географско-тополошки димензии – Среден и Далечен Исток. На таа топологија се најде Иран – значи судир на интереси, стара империја со нова – „замката на Тукидит“ – младиот лав го брка стариот. Војната е аксиом.
Убавината и умот на Персиската Империја („булката“) се самозаробија во историјата на моќта (Еламити, Медијци, Ахемениди, Александар, Селевкиди, Парти, Сасаниди, исламот – Тахириди, Саманиди, Селџуци, Монголи, Сафавиди, Афшариди, Каџари, Пахлави и ајатоласите) – во суров систем („каменот“)
Името „Исламска република“ е застрашувачко, бидејќи има јасни импликации. „Република“ значи дека се „отарасија“ од шахот со брутален процес и едно насилство заменето со друго пострашно. „Исламска“ значи религија влезена во законот, со ехо на екстремизам. Лажно се нарекува „шеријат“, кој во Иран не е баш традиционалниот ислам, туку специфичен диктаторски езотеризам што го донесоа Хомеини и Хамнеи. Тоа е укинување на секуларизмот и наметнување на „ирфанот“ (исламска гноза и теозофија) – комбинација на суфиските традиции на шиитите со дванаесетничкиот шиизам („Итна ашарија“). Дванаесетничкиот шиизам почнува со имамот Али. Имамите се сметаат за „безгрешни“ и назначени од Бога (наместо нив, муџтахидите носат правни одлуки). Мухамед ал Махди (последниот имам) не умрел, туку се верува дека е скриен и се чека неговото враќање (појава позната како „окултација“), а во негово отсуство денес на тоа место се ајатоласите. Најголем дел од припадниците се усулити – каде што рационалното резонирање („иџтихад“) е потребно за донесување правни одлуки таму каде што Куранот и хадисите не даваат директен одговор. Нивни противници се хоџатиите (од поново време) и акбарите (од сафавидската ера), кои го одбиваат рациото, тврдејќи дека само зборовите на Четиринаесетте безгрешни се вистина (Пророкот, Фатима и 12-те имами).
Аналогни се на салафитите кај сунитите. Сега западните служби ги користат како потенцијални сојузници. Во тој контекст филозофијата на Хомеини е 1) чување на правото („Велајат е Факих“) – клеризам е над системот делегирано од Бог; 2) шеријат (не баш оригинален) – идентичен со политиката, државата и верата се едно; 3) антимонархизам, империјализам и американизам, војна на опресираните („мустазафин“) и опресорите („мустакбирин“). Америка е „големиот Сатан“, а Израел треба да се уништи. Експорт на револуцијата – исламот е универзален (неговиот ислам) и треба да се глобализира, а не да остане само во Иран (читај ги Џевад Галијашевиќ, Бабановски-Бабагинин, Камрава или самиот Хомеини). Ова последното е она што ги параноизира Израел и Евреите и војната станува императив. Вие го прифаќате ли тоа? – Како сакате! Во претџихадистичкиот период, Хомеини го пропагирал Модра Садра Ширази, еден од најголемите исламски филозофи. Модра ја создал доктрината „Итихад ал Акил вал Макул“ – познавачот и објектот на знаење се едно, плус логика на креацијата и движењето, што личи многу на модерната физика (не би рекол дека е тоа идеализмот на Хомеини). Иако Хомеини нема спој со Рене Генон, ја има истата метафизика на имагинарен свет. Интересна е Геноновата (заедно со Титус Бурхард и Фритхоф Шуон, а и ајатоласите) „механика на симболизмот“ и формирање на традиционалниот мит како „лингвистика“ на примордијалната вистина. Мачеништвата (на имамот Хусеин) се онтологија на „космичката митологија“, која е патоказ од правото кон тиранијата. Хомеини е фундаментален антагонист на западниот капитализам и модернизмот (облека, музика, мода, интернет, култура, филозофија, религии) и борец против класните структури, што е „заведувачки“ за некои левичарски движења. Заклучок: фундаментот е дух, но праксата е пекол и хорор. Следува еден тежок дел на спојување на војната сега со економијата, логиката и моделирање на сферните интереси.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
(продолжува)































