Силна експлозија предизвика пожар во складиште за оружје во централна Бугарија во текот на ноќта. Нема информации за повредени, а пожарот избувнал во близина на селото Царева Ливада, пренесе МИА.
На видеоснимки објавени на социјалните мрежи се гледа како пламенот го осветлува ноќното небо.
– Во овој момент пожарот го зафати подрачјето на складишниот дел од фабриката. Се движи од складиште до складиште – изјави утрово регионалната гувернерка на Габрово, Кристина Сидорова.
Локалните медиуми, повикувајќи се на претставник на компанијата, објавија дека пожарот избувнал во објект со кој управува ЕМКО, бугарска компанија за производство и трговија со оружје.
Ова е втора експлозија во воени постројки во Бугарија во последните неколку недели. ЕМКО, која ја предводи трговецот со оружје Емилијан Гебрев, минатиот месец исто така беше погодена од експлозија во друга постројка.
Случајот повторно го отвора прашањето за серијата експлозии во објекти поврзани со ЕМКО. Бугарските обвинители претходно тврдеа дека постои можна поврзаност меѓу овие инциденти, обидот за труење на Гебрев во 2015 година и експлозиите во складишта за муниција во Чешка во 2014 година.
Во 2024 година, Бугарија издаде потерници за шест руски државјани, кои беа обвинети за вмешаност во уништувањето на складишта на ЕМКО во периодот од 2011 до 2020 година. Во нив се чувала муниција наменета за извоз во Украина и Грузија.
































