Анализа
Нова Европа и крајот на стариот политички договор
- Европа влегува во нова политичка епоха. Не затоа што една партија победила на едни избори, ниту затоа што некоја политичарка од германската левица одбила да го следи воспоставениот партиски распоред. Европа се менува затоа што сè поголем број граѓани повеќе не се подготвени да ја прифаќаат старата политичка математика во која нивниот глас се признава како демократски чин само ако на крајот произведе „прифатлив“ резултат. Токму тука лежи вистинската драма на денешна Европа
Изборите никогаш не биле само процедура за распределба на мандати. Тие се механизам преку кој граѓанинот му кажува на политичкиот систем што мисли за сопствената состојба. Кога голем број граѓани избираат партии што естаблишментот ги смета за непожелни, демократскиот одговор не може да биде едноставно пронаоѓање формула како тој избор да се неутрализира. Но, исто така, демократијата не значи ниту автоматско право на победничката партија да управува, независно од нејзината политика, коалицискиот капацитет и уставниот поредок. Токму во тој простор меѓу овие две вистини се наоѓа германската, а со неа и европската дилема.
„Демократски“ инструменти за политичко исклучување
Со години (нео)либералниот концепт околу кој гравитира европскиот политички центар развиваше еден вид политички санитарен кордон околу одредена политичка структура, која ја сметаа за некомпатибилна со својата. Методите беа со импутирање недемократски етикети, ултрадесни стигматизирања и слични екстремистички епитети кон суверенистичките партии што концептуално, суштински, теоретски и практично се разликуваат од либералниот центар и европските леви либерали. Кога овие последноспоменати партии губат, веднаш се мобилизираат медиумите да зборуваат за „потребата од одговорна политика“, за „европски вредности“, „стабилност“ и „заштита на демократијата“. Но новиот момент настана кога тие поими престанаа да бидат принципи и стануваа инструменти за политичко исклучување што го практикуваа (нео)либералните елити.
Ако една партија освои значаен дел од гласовите (како на пример АфД за што деновиве неколкупати анализиравме), тогаш демократскиот систем има право да ја проценува, да ја критикува и, доколку постојат законски причини, да ја санкционира. Но ако единствениот аргумент против неа е дека „со неа не се соработува“, тогаш мора да се постави едно непријатно прашање: Што да се случи со гласовите на оние што гласале за неа? Да се избришат? Да се игнорираат? Да се прогласат за државни непријатели, онака како што сакаше да стори БФВ – внатрешната германска безбедносна служба?! Тоа, не оди така. Тие гласови не стануваат помалку демократски затоа што се политички непријатни, или на другата политичко-идеолошка страна. А токму тука започнува вистинскиот проблем и на Германија, а и на Европа.
ВО ФОКУСОТ НЕ Е АФД, ТУКУ ДАЛИ СИСТЕМОТ НА ЕУ ИМА ДОВОЛНО ДЕМОКРАТСКИ КАПАЦИТЕТ
Спорот околу АфД лесно може да се сведе на едноставна шема. Имено, едни ја гледаат партијата како закана за демократскиот поредок, други како израз на потиснатата волја на граѓаните. Но една сериозна анализа мора да оди подлабоко. Прашањето не е дали АфД е „добра“ или „лоша“ партија. Прашањето е дали европските демократии имаат доволно демократски капацитет да дозволат политичкиот натпревар да биде вистински натпревар, со сите ризици што ги носи демократијата. Доколку одговорот е негативен, тогаш проблемот веќе не е само АфД. Проблемот е довербата во системот. А довербата не се губи во еден ден. Таа се губи кога граѓанинот почнува да верува дека изборот е слободен само до моментот кога ќе го даде гласот.
БРИСЕЛ НЕ Е ЕВРОПА
Една од најголемите грешки на европскиот политички елитизам беше постепено да се изедначи Европа со нејзините институции. Но Европа не е Европската комисија. Европа не е Брисел. Европа не е Европскиот парламент. Европа се нејзините народи, држави, јазици, култури, демократски избори и различни политички искуства.
Европската интеграција ако беше во полн капацитет можеше да биде големо цивилизациско достигнување. Но Брисел почна да ја доживува интеграцијата како процес во кој националните општества постепено ја губат способноста да кажат „не“ и интеграцијата произведе спротивен ефект од оној што требаше да го произведе. Наместо поголема доверба, создаде евроскептицизам.
Наместо европско единство, создаде политички револт. Наместо чувство дека граѓанинот учествува во европскиот проект, создаде чувство дека проектот ЕУ (читај бриселските елити) почна да управува со граѓанинот.
ДРУГА ИДЕОЛОГИЈА НА ЕВРОПСКИОТ ХОРИЗОНТ
Поимот суверенизам повторно се враќа во центарот на европската политика. И не само како поим туку како прагма. Суверенизмот не значи изолационизам, напуштање на Европа или враќање во минатото. Во својата изворна демократска форма, суверенизмот значи нешто многу поедноставно. Имено, одлуките што директно го определуваат животот на граѓаните мора повторно да бидат политички одговорни пред тие граѓани. Тоа е суштинско демократско прашање!
Европа може да има заеднички пазар, заедничка безбедносна политика, заеднички институции и заеднички интереси. Но не може да има здрава демократија ако граѓаните чувствуваат дека најважните политички одлуки се премногу далеку од нив за да можат реално да влијаат врз нив. Затоа суверенизмот можеби не е крај на европската идеја. Тоа е повик за нејзина реконструкција. П.Р.
Новата Европа нема да биде истата
Она што денес го гледаме во Германија е само дел од поширок процес. Франција, Италија, Холандија, Австрија, Унгарија и други европски држави веќе покажаа дека старите политички поделби повеќе не функционираат како порано. Граѓанинот не гласа само за даноци, пензии или инфраструктура. Тој гласа за чувство на припадност. Гласа за границите, за безбедноста, за миграцијата, за националната држава, за односот кон Брисел, за тоа кој има право да одлучува. И пред сè, гласа против чувството дека неговиот глас е однапред ставен во политички карантин.
Тоа е причината поради која европскиот политички либерален центар мора да се промени. Не затоа што десницата секогаш е во право. Не затоа што секој популистички аргумент е точен. Туку затоа што демократијата не може да преживее ако политичката елита постојано се обидува да го коригира народот наместо да го слуша. П.Р.
2029: Годината кога ќе се мери новата Европа
Ако до 2029 година АфД продолжи да расте, ако политичкиот центар продолжи да губи доверба, ако Ле Пен ја освои Франција и ако слични сили продолжат да растат низ Европа, тогаш денешната ЕУ ќе се соочи со историски избор. Или ќе се обиде да го запре времето. Или ќе признае дека времето се променило. Можно е тогаш да се зборува за нова Европа: помалку идеолошка, повеќе геополитичка; помалку централизирана, повеќе национално одговорна; помалку уверена дека институциите сами по себе создаваат легитимитет и повеќе свесна дека легитимитетот мора постојано да се обновува преку граѓаните. Тоа не значи дека таквата Европа автоматски ќе биде подобра. Суверенистичките влади исто така можат да бидат неуспешни, корумпирани, авторитарни или економски погрешни. Но тоа е токму суштината на демократијата: граѓаните мора да имаат право да ги сменат. Европа не може да бара од граѓаните да ја сакаат демократијата, а истовремено да се плаши од резултатите што демократските избори можат да ги произведат. П.Р.
































