Фото: Игор Бансколиев

Помина нешто повеќе од една година откако Грција (на 20 август 2022 година) ја напушти европската програма за економско-финансиски надзор. Програмата за контрола и надзор над Грција беше спроведувана дванаесет години, откако земјата влезе во длабока финансиска криза. Но, благодарение на финансискиот надзор, економските експерти тврдат дека Грција е поинаква земја од онаа што беше пред 12 години. Грчката економија бележи силен раст и значителен пад на невработеноста. Но има уште многу да се работи: невработеноста во Грција и натаму е една од највисоките во еврозоната, минималната плата е најниска, а јавниот долг и натаму претставува товар за економијата

Грција и последиците од финансиската криза

Според низа европски економски и финансиски експерти, сега грчката економија е една од најбрзорастечките економии во Европа. Инвеститорите, а и туристите, се враќаат во Грција во сѐ поголем број. Придобивките од економското заздравување се чувствуваат на повеќе општествени полиња.

За европското милениче Грција три меѓународни пакети помош во вредност од над 260 милијарди евра!

Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, денот од излегувањето од меѓународниот финансиски надзор го означи како „историски ден за Грција и за сите Грци“. Излегувањето од програмата за засилен надзор значи поширок простор за економски избори и отвора „нов хоризонт на раст, единство и напредок“, порача грчкиот премиер. Тоа беше крај на болниот период за Грција, што доведе до економска стагнација и поделба во општеството. Атина поради економската криза од 2010 година доби три меѓународни пакети помош во вредност од над 260 милијарди евра, а за возврат требаше да спроведе големи економски реформи.
Грчката влада во 2010 година, во момент на тешка финансиска состојба во земјата, им се обрати за помош на ЕУ, Европската централна банка и на Меѓународниот монетарен фонд. Таканаречената „тројка“ во три финансиски циклуси ја кредитираше Грција со 289 милијарди евра, наметнувајќи притоа строги мерки за штедење за да се подобрат јавните финансии и да се наполни државната благајна. Атина ги намали пензиите и платите, го зголеми данокот, ги запре вработувања во јавната администрација, ги намали буџетите на администрациите, болниците и на јавните органи.

Враќање во живот на малите и средните компании

Денес грчката економија, според некои европски економисти, е една од најбрзорастечките економии во Европа, додека инвеститорите и туристите доаѓаат во земјата во сѐ поголем број. Придобивките од економското заздравување ги чувствуваат и сопствениците на малите компании, кои сѐ уште се сеќаваат на мерките на штедење, кои беа опасност за замирање на малите бизниси.
– Во изминатите шест месеци никнаа четири висококатници, изградени од грчки и меѓународни градежници, а просторот е наменет за изнајмувања и за канцеларии за странски компании. Годините на сурови мерки за штедење наметнати со меѓународните пакети за спас беа очајни. За време на кризата, сакавме само да преживееме. Сега сме профитабилни, а бизнисот е толку силен што не можеме да најдеме доволно работници за да бидеме во чекор со побарувачката – вели Парис Скурос, сопственик на фирма за сервисирање лифтови, во изјава за „Њујорк тајмс“.
Економијата расте двојно повеќе од просекот во еврозоната, а невработеноста, иако е сѐ уште висока, со 11 отсто, е најниска во повеќе од една деценија. Зголемениот број на туристи го раздвижи и пазарот на недвижности, а доаѓаат и инвестиции од компании како „Мајкрософт“ и „Фајзер“. Американски, кинески и европски компании склучуваат договори за обновлива енергија. Се предвидува и инвестициите на „Циско“, „ЏП Морган“, „Мета“ и други мултинационални компании да имаат економско влијание во вредност од милијарди евра во следните неколку години. Грчките банки со прочистени биланси повторно ја поттикнаа економијата, преку кредитирање на бизнисите.

Сѐ уште актуелни економски ризици

Меѓутоа, Грција сè уште се соочува со економски ризици. Огромниот надворешен долг е намален, но тие се на ниво од 166 отсто од националниот буџет. Банките во земјата сè уште имаат високи нефункционални заеми што се поголеми од европскиот просек. Граѓаните се принудени на штедењето поради сиромаштијата и високата инфлација поттикната од војната во Украина.
Премиерот Киријакос Мицотакис, кој беше реизбран со убедлива победа во јуни, е наклонет кон бизнис-заедницата и презеде низа чекори за намалување на даноците и долговите. Владата ја олесни постапката за отворање нови фирми и ја зголеми минималната плата. Земјата дури ги враќа парите од меѓународната помош пред предвидениот рок.
Глобалната агенција за кредитен рејтинг „ДБРС морнингстар“, која е признаена од Европската централна банка, ја подигна инвестициска оцена на Грција, со што им ја отвора вратата на пензиските фондови и другите големи инвеститори да купуваат обврзници издадени од владата. „Мудис“, една од најголемите агенции за кредитен рејтинг, ја подобри оцената за грчкиот надворешен долг за два степена, наведувајќи ги „длабоки структурни промени“ во економијата, финансиите и банкарскиот систем на земјата.
Економските промени во Грција не ги чувствуваат еднакво сите граѓани, кои беа директно погодени од мерките за штедење. Дмитрис Митрофинакис беше принуден да ги троши заштедите за да може да го одржи бизнисот со декорација на домови, кој го држеше повеќе од 40 години. Неговата пензија, за која долги години уплаќаше во пензиските фондови, е намалена на 1.300 евра од очекуваните 2.400 евра што требаше да ги добие по пензионирањето.
– Финансиските мерки наметнати на Грција беа премногу строги. Од пензијата остануваат малку пари до крајот на месецот. Кога ќе погледнете наоколу, луѓето имаат повеќе работа и повисоки плати. Но, многу други луѓе не закрепнаа – вели Митрофинакис, кој живее во скромен стан со својата сопруга во работничка населба.
Подобрување на животот со подобрата оцена за инвестирање во Грција не очекува ни Рула Скурос, менаџерка на хотел.
– Некој што можеби работи во банка или на берза веројатно е засегнат, но јас не сум. Платата отсекогаш ми се движела околу минималната. Но, со неконтролираното ширење на инфлацијата и високите цени, подобрената економија не значи ништо ако не можете да си дозволите за бензин и намирници – вели таа за „Њујорк тајмс“.
Во неодамнешното обраќање, премиерот Мицотакис ги призна новите предизвици и вети дека ќе ги шири придобивките од закрепнувањето на економијата. Неговата влада објави дека има цел да ја зголеми месечната минимална плата на 950 евра до крајот на нејзиниот четиригодишен мандат, откако во април ја подигна на 780 евра. Платите во јавниот сектор исто така ќе се зголемат за првпат по намалувањето од 20 проценти за време на кризата и санкциите за отплаќање на долговите на Грција.

Подготвил: Митко Јовановски