Фото: Фејсбук/Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со амбасадорот на Руската Федерација Александар Боцан-Харченко Вучиќ изрази незадоволство од околностите што го спречија доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, јави дописникот на МИА од Белград.

Амбасадорот Боцан-Харченко го информираше Вучиќ за причините за откажување на посетата на Лавров, дека тој бил спречен да дојде, бидејќи авионот на руската влада не ги добил потребните дозволи за летање на релација кон Белград, предавајќи соодветни документи за тоа.

Како што соопштија од прес службата на српскиот претседател, Вучиќ „изразил незадоволство од околностите што го спречија доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Лавров“.

– Србија и покрај сѐ ќе ја чува независноста и автономијата во политичките одлуки, ќе го продолжи европскиот пат со негување на традиционалните пријателски и партнерски односи со земјите на сите континенти и ќе ја зачува воената неутралност – се наведува во соопштението.

На состанокот беше речено дека наскоро се очекува да се одржи средба на шефовите на српската и руската дипломатија Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров.

Вучиќ и амбасадорот Боцан-Харченко разговараа и за бројни теми од билатералните односи меѓу Србија и Русија, при што беше истакната потребата од подетални разговори на сите нивоа.

Вучиќ во текот на денот ќе и ги објасни на српската јавност деталите поврзани со посетата на министерот Лавров.