Фото: Архива

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе разговара со претседателот на Србија Александар Вучиќ, а потоа и со премиерот на Косово Албин Курти, во седиштето на воената алијанса во Брисел, в среда.

Како што информираше НАТО преку соопштение за медиумите, Столтенберг прво ќе се сретне со Вучиќ, по што во 15.30 минути ќе одржи заедничка прес-конференција.

Курти, коментирајќи ги очекувањата од претстојната средба во Брисел рече дека тема на дијалогот треба да биде правно обврзувачки договор за нормализација на односите, со взаемно признавање на Косово и Србија.

Вучиќ најави дека ќе биде во Брисел на 17 и 18 август и дека ќе разговара со генералниот секретар на НАТО Столтенберг, како и дека ќе учествува во дијалогот со Приштина.

Разговорите во седиштето на НАТО ќе се одржат само еден ден пред почетокот на новата рунда дијалог меѓу Косово и Србија, со посредство на Европската Унија.

Средбите на претседателот на Србија и на премиерот на Косово со шефот на НАТО доаѓаат речиси три недели по тензиите на северот на Косово, кои се зголемија по одлуката на Владата во Приштина за пререгистрација и лични документи. Имено, одлуката за издавање документ за влез-излез при влез на државјани на Србија на територијата на Косово, како и пререгистрацијата на српските таблички со ознаките на градовите во Косово, предизвика силно противење на Србите на север и заострување на односите меѓу Приштина и Белград. Србија веќе 11 години применува идентична одлука за влез на граѓаните на Косово во Србија, потсетува РТК.