Фото: Принт-скрин

Србија прими испорака на софистицираниот кинески противавионски систем во текот на изминатиов викенд, наспроти загриженоста на Западот за вооружувањето на Балканот за време на војната во Украина, што би можела да го загрози кревкиот мир на Балканот, тврди „Асошиејтед прес“, а пренесоа и кинеските медиуми.

Медиумите и воените експерти вчера истакаа дека шест кинески транспортни авиони слетале во Белград во саботата, наводно пренесувајќи „Ејч Кју-22“ (HQ-22) ракетни системи земја – воздух за српската армија.

Според неофицијални информации, кинеските авиони со воени обележја биле забележани на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, а српското министерство за одбрана не одговорило на барањата за коментар на „Асошиејтед прес“.

Испораката на оружје преку територијата на најмалку две членки на НАТО – Турција и Бугарија, од страна на експертите се смета за демонстрација на глобалното влијание на Кина.

Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно се пожали дека членките на НАТО меѓу соседите на Србија одбиваат да дозволат летови за испорака на ракетниот систем преку нивните територии поради тензиите околу војната во Украина.

– Појавата на кинеските авиони предизвика внимание бидејќи летаа во група. Самото присуство на авионите во Европа е новост – пишува онлајн магазинот „Ворзоун“.

Вучиќ завчера најави и дека неделава ќе биде претставено најмоќното оружје што Србија го имала досега.

Вучиќ најави претставување на најмоќното оружје со кое располага Србија

Испораката на ракетниот систем беше договорена во 2019 година, а американските власти во 2020 година го предупредија Белград против купувањето на „Ејч Кју 22“ противавионските системи, чија извозна верзија е позната како „ФК-3“. Тие истакнаа дека Србија мора да има воена опрема во согласност со западните стандарди, ако навистина сака да се приклучи на ЕУ и другите западни алијанси.

Кинескиот ракетен систем е споредувам со американскиот „Патриот“ и со рускиот „С-300“ ракетни системи земја – воздух, иако има пократок дострел од посовремените системи „С-300“.