Фото: Пиксабеј

Владата на САД соопшти дека и одобрила продажба на осум нови борбени авиони Ф-16 на Бугарија за „јакнење на безбедноста“ на оваа земја-членка на НАТО, во екот на војната во Украина, објавија бугарските медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стејт департментот го известил Конгресот на САД за намерата да и ги продаде овие ловци на Бугарија, како и муниција во вредност од 1,67 милијарди американски долари.

Купувањето на осум нови ловци Ф-16 Блок 70 од САД е еден од приоритетните проекти за модернизација на вооружените сили на бугарската армија.

На тој начин, со првата серија од осум авиони Ф-16 Блок 70, Бугарија ќе има вкупно 16 борбени авиони со кои ќе го гарантира не само својот воздушен суверенитет, туку и на југоисточното крило на НАТО. Првата серија беше договорена меѓу Бугарија и САД во 2019 година.