Европската Унија (ЕУ) побара од властите во Косово да го одложат спроведувањето на одлуката за забрана за употреба на српскиот динар на територијата на Косово.
Во писмената изјава за медиумите, портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, изјави дека ЕУ ја зема предвид регулативата на Централната банка на Косово за готовинското работење, која има цел да ги намали фалсификуваните пари, да ја зачува финансиската стабилност и да ја зголеми транспарентноста на готовинските текови на Косово.
– Сепак, регулативата предизвикува загриженост за влијанието што ќе го има врз заедниците со мнозинско српско население, особено училиштата и болниците, за кои во моментов не се чини остварлив ниту еден алтернативен процес. Регулативата исто така ќе има директно влијание врз секојдневниот живот на огромното мнозинство косовски Срби што добиваат исплати/финансиска помош од Србија – нагласува Стано во изјавата.
Централната банка на Косово (ЦБК) на 17 јануари донесе уредба според која од 1 февруари единствена валута за извршување готовина и платежни трансакции ќе биде еврото.
По барањето на американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховенје, да се одложи примената на регулативата со која се дефинира дека еврото е единствената валидна валута за платежни трансакции во Косово, Централната банка на Косово наведува дека тие се независна институција и дека се „решени да ја подобрат правната и надзорната рамка во спроведувањето на уставниот мандат“.