Во Косово од вчера стапи во сила одлуката на владата на премиерот Албин Курти за замена на регистарските таблички на возилата на косовските граѓани регистрирани во Србија со оние што се пропишани со законите на Република Косово.

Приштинските власти ги игнорираат укажувањата на Американците

Според одлуката што минатата недела ја донесе владата на Курти, од вчера им се изрекуваат санкции на оние што во Косово нема да ги променат табличките што се регистрирани во Србија, со кратенките на српските топоними за градовите во Косово – како ПР за Приштина (да се замени со 01 … – како ознака за регионот на косовската престолнина), КМ за Митровица, УР за Урошевац, ПЗ за Призрен, ГЊ за Гнилане итн.
Од вчера, во наредните три недели, до 21 ноември, на возилата што ќе се затекнат низ косовските патишта со српски таблички ќе им се изрекува „укор“. По овој датум, до 21 јануари 2023, ќе се изрекуваат парични казни, додека од 21 јануари до 21 април ќе им се издаваат пробни таблички.
– По 21.4.2023 тие возила не ќе можат веќе да се регистрираат со таблички РКС (Република Косово), да влегуваат и да се движат низ територијата на Република Косово – соопштија надлежните косовски власти.
Од Европската Унија изјавија дека Косово има право да бара промена на српските со косовски регистарски таблички за сопствениците на возилата во Косово, но порачаа дека тоа треба да биде резултат од преговорите за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград.
Разочарување од одлуката на Курти изрази и официјален Вашингтон, чиј посредник во преговорите меѓу Косово и Србија, Габриел Ескобар, побара одложување на спроведувањето на промената на табличките за една година.
Домашни и меѓународни аналитичари, во изјави за медиумите, предупредија дека одбивањето на Курти да ја одложи одлуката за промена на табличките може да доведе до ескалација на состојбата во северниот дел на Косово, населен со мнозинско српско население, за кој се вели дека дејствува под директиви на Белград, кому му одговара одржување на нестабилност во регионот.
Американскиот амбасадор во Србија деновиве, алудирајќи на косовската тврдоглавост, изјави дека е „несфатливо како може да се прави проблем за таблички кога светот се соочува со нуклеарна закана“, алудирајќи на руската агресија во Украина.

Врховниот командант на армијата на Србија издаде наредба да се подигне
нивото на борбена готовност

Новиот српски министер за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека по наредба на претседателот Александар Вучиќ, српската армија е ставена во состојба на готовност поради ситуацијата на Косово.
– Претседателот на Републиката како врховен командант издаде наредба до армијата на Србија да биде во готовност, да го подигне нивото на борбена готовност на ниво на кое може да одговори на секоја задача. Србија е сериозна земја, ја презема одговорноста за сите можни проблеми. Не би рекол дека ова е решено, не можеш да бидеш јасен со Курти, затоа што никогаш не се знае. Утрово му го издале првото предупредување на Србин за регистарски таблички. Војската на Србија е подготвена да ја изврши секоја задача на врховниот командант – изјави Вучевиќ.
Тој додава дека кога Србија зборува за мир и стабилност, тоа не значи дека се слаби.
– Она што треба да го знае народот е дека српската армија е многукратно посилна отколку што беше, заслужува почит и дејствува во согласност со државните лидери. Треба да работиме на повисоко екипирање, посилно оружје, обука на резервните сили. Не се подготвуваме за војна, но не можеме да бидеме целосно неподготвени за сѐ што ќе се случи – рече Вучевиќ.