Voeni brodovi
Фптп: ЕПА

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека по борбените авиони „Рафал“, следниот чекор е набавка на повеќенаменски бродови за хрватската морнарица.

– Следниот голем проект на евентуалната трета влада на Андреј Пленковиќ ќе биде набавка на повеќенаменски бродови – изјави хрватскиот премиер по свечениот пречек во Хрватска на првата група повеќенаменски борбени авиони „Рафал“, кои пристигнаа од францускиот град Бордо.

Клучниот голем проект за овој мандат, како што кажа Пленковиќ, е дека „хрватската морнарица сега го зема својот ред“.

– Време е да имаме повеќенаменски бродови покрај повеќенаменските авиони и тоа ќе биде следниот голем проект на нашата трета влада за зајакнување на хрватската армија – додаде тој.

Во Хрватска вчера слетаа првите шест од вкупно 12 повеќенаменски борбени авиони „Рафал“. Авионите пристигнаа две години и пет месеци по потпишувањето на договорот со Франција вреден повеќе од една милијарда евра, а пристигнувањето на последниот од договорените авиони се очекува на почетокот на следната година.