Шарл Мишел/Фото: Фејсбук

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска во Приштина изјави дека фокусот на Косово треба да биде дијалогот меѓу Приштина и Белград и спроведувањето на сите досега постигнати договори.

На заедничката прес-конференција по средбата со косовската претседателка Вјоса Османи, тој ја поздрави позицијата на Косово за воведување и спроведување санкции кон Русија.

– Имавме можност да разговараме за односите меѓу ЕУ и Косово и да кажеме дека Западен Балкан е стратешки партнер. Го поздравуваме фокусирањето на Косово на реформите и клучните прашања, како што е владеењето на правото. Разговаравме и за визната либерализација. Внимателно ги слушав аргументите и знаете дека за ова прашање мора да одлучуваат земјите-членки на ЕУ. Треба да се нагласи дека фокусот на Косово треба да биде дијалогот меѓу Косово и Србија и да се спроведат сите договори – рече Мишел.

Тој додаде дека следната недела ќе се сретне со 27 лидери на ЕУ, каде, како што рече, ќе има можности „да покажеме единство за нашите заеднички вредности“.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека Косово е најпроевропската земја во Европа и дека обединета Европа е нецелосна без Косово и Западен Балкан во неа.

Таа рече дека нема луѓе кои се повеќе посветени од Косово на вредностите и слободите што ги претставува ЕУ и дека заложбата на Косово за влез во ЕУ е непоколеблива.