Воените злосторства никогаш не застаруваат
Обвиненијата за сторени воени злосторства на Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, процесирани пред Специјалниот суд во Хаг, и натаму предизвикуваат големо внимание на пошироката балканска јавност. Тие се товарат за злосторства против човештвото, воени злосторства, масовни убиства на цивилно население, за исчезнување лица, прогон и тортура. Нивното судење дојде како резултат на сеопфатна акција на специјалното хашко обвинителство, во содејство со косовската полиција и Европската мисија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), за собирање материјални докази за обвиненијата.
И во македонската чекалница има патници за Хаг
Во врска со гореспоменатиот случај, лидерот на ДУИ и некогашен командант на ОНА, Али Ахмети, на почетокот на септември 2020 година даде свој исказ пред хашките обвинители во Приштина. Според она што го изјави Ахмети за домашната јавност, тој дал исказ во својство на сведок, како еден од основачите на ОВК во периодот од 1998 до 2000 година. Во истиот контекст, Артан Груби веднаш потоа се обиде да објасни дека неговиот партиски лидер Али Ахмети не е обвинет од Хашкиот суд и дека информациите за некакво обвинение од Хаг против него не се точни.
– Ахмети е коосновач на Народно движење за Косово (НДК) и Ослободителната војска на Косово (ОВК), поддржувач на владеењето на правото, неселективна правда, и тоа секогаш го докажувал, дури и во случајот на последното сведочење во Приштина – објасни Груби.
Меѓутоа Груби, во својство на гласноговорник на својот партиски лидер, не успеа да дообјасни како Ахмети како основач на ОВК и член на највисокото раководство на таа милитантна организација се дистанцирал, а во овој случај се автоамнестира, од воените операции на ОВК во кои има основани сомненија дека вршеле злосторства против човештвото, воени злосторства, масовни убиства на цивилно население, за исчезнување лица, прогон и тортура.
Како останаа „правно покриени“ воените злосторства во Македонија
Во македонската јавност никогаш нема да исчезнат сеќавањата за т.н. четири судски предмети од Хаг. Тие се однесуваат на тринаесеттемина киднапирани Македонци од страна на ОНА, затворањето на вентилите од Липковско Езеро и водата за кумановци, малтретирањето на градежните работници од Маврово и за делата на командната одговорност на раководството на ОНА. Овие предмети што се однесуваат на дела сторени во конфликтот во 2001 година стигнаа во Македонија од Хаг во 2008-та. Овие случаи беа затворени без судски процес, преку Законот за амнестија, кој беше донесен на 8 март 2002 година. Со него се ослободија од гонење, се запреа кривичните постапки и целосно се ослободија од издржување затворска казна лицата за кои постоеше сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година. Дополнително, откога предметите стигнаа во земјата, неколку години подоцна, во 2011 година, со т.н. автентично толкување на законот, се обезбеди и амнестија за одговорните осомничени за воено злосторство.
Иако навидум „правно покриени“ и амнестирани, Хашките случаи претставуваат товар за македонското општество, поради фактот што никој нема преземено одговорност за воените злосторства што не застаруваат. Прашањето што постојано лебди во воздухот е дали и кога македонскиот правосуден систем (ќе) има капацитет судски да ги расчисти сите сомневања за воените злосторства што никогаш не застаруваат. Впрочем, и судските процеси против водачите на косовската ОВК, дваесетина години по инкриминираните настани, доволно говорат за правната незастареност во барањето одговорност за злосторствата против човештвото и геноцидот.
Нема дилема за правниците – воените злосторства никогаш не застаруваат
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, своевремено изнесе мислење во врска со информацијата дека Али Ахмети давал исказ пред обвинителите.
– Поаѓајќи од оваа состојба, кога говориме за тешки кривични дела, како оние за воените злосторства, кои патем никогаш не застаруваат, не би ме изненадило воопшто во некоја понатамошна точка Ахмети да се најде на обвинителна клупа – изјави тогаш Цаца Николовска.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур објасни кои се причините на кои ја темели ваквата констатација.
– Првата, бидејќи во поканата од Хаг не се наведува како што е повикан поканетиот и не се наведува статусот. Откога тој дава исказ пред судиите, натаму се одлучува што понатаму со одреденото лице. Досега имало ситуации кога сведокот станува обвинет во хашки процес. Не можам да прејудицирам ништо, но факт е дека Меѓународниот суд многу сериозно пристапува кон овие поврзани предмети – објаснува судијката.
Натаму, според Николовска, логично е да се претпостави дека е можно настаните што ги опфаќаат лидерите на ОВК поврзани со Хаг во скора иднина да се отсликаат и во Македонија или да се спојат со предметите на оние на ОНА, бидејќи и самиот Ахмети во неколку пригоди јавно изјавува дека помагал во борбата за ослободување на Косово.
Според судијката, кога говориме за оваа врска, пред сѐ мислиме за предметите што се воени злосторства сторени во Македонија за време на кризата во 2001-та, односно четирите Хашки случаи што од Меѓународниот суд дојдоа во македонските судови. Таа вели дека политичките власти во минатото на оваа тема еднострано одлучија случаите да не се процесираат, иако никогаш во домашните судници не се утврди дали овие предмети беа „умрени или живи“, односно дали за нив „стоеше сторено кривично дело или не“.
Според Цаца Николовска, ако македонски суд одлучи да не постапува по одредени предмети, тоа не е гаранција дека Меѓународниот суд ќе се согласи со оваа одлука!
Цаца Николовска повторно ја нагласува природата на делата што се окарактеризирани како воени злосторства што никогаш не застаруваат.
– Сепак во Македонија сѐ може да биде можно на оваа тема, која засега е во доменот на претпоставка. Сите карти се отворени за конечно спроведување на правдата, само прашање е што повеќе ќе натежне на вагата на Јустиција, дали материјалните докази и желбата за правда на оштетените или донесените закони и аболиции на осомничените – вели Цаца Николовска.
Дополнително, според неа, не е тешко да се претпостави и дека состојбите би можеле и да се радикализираат на оваа тема во Македонија, бидејќи на крајот од краиштата се говори за балканското буре барут на кое му е потребно само едно чкорче и никогаш да не се види спроведувањето на правдата по овие случаи во земјата.
– Компарација со т.н. хашки предмети јас би пронашла со една симболика во таканаречените судски спорови водени против фашистите низ светот. Односно, постарите паметат дека долги години по завршувањето на војната навидум се чинеше дека многу фашисти ја избегнаа правдата. Сепак, иако јавноста ги подзаборави осомничените за фашизам, лицата беа пронаоѓани и апсени во Аргентина, Колумбија и други држави, па потоа осудувани. Односно, на крајот од краиштата, со години задоцнување, сепак ним им се пресуди – резимира Цаца Николовска.
Свој став во врска со ова прашање своевремено изнесе и професорот на Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев.
– Иако е правно контроверзно, но во Македонија прашањата за четирите Хашки случаи за злосторствата од 2001 година се сметаат за затворени. Се толкува дека Законот за амнестија ги опфаќа и ги „покрива“ и обвинувањата за тие случаи што беа вратени од Трибуналот во Хаг за да бидат процесирани во домашното судство. Кога беше донесен Законот за амнестија, а подоцна и неговото „автентично толкување“ токму за овие случаи, Хелсиншкиот комитет реагираше во насока дека тоа не е никаква правна основа за да бидат ставени ад акта дела што не застаруваат. Под политички притисок за таквиот став, тогашниот претседател на Хелсиншкиот комитет дури и даде оставка. Оттогаш нема некои нови конкретни иницијативи за правно активирање на овие случаи од 2001 година. Теоретски, нив може да ги отвори државниот обвинител ако утврди дека овие случаи не потпаѓаат под Законот за амнестија. Тоа е теоретско-правниот начин, но не верувам дека во скоро време албанските политички партии, особено ДУИ, ќе дозволат да биде избран обвинител со такво гледање на предметите – изјави универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев.
И адвокатот Тони Менкиноски е категоричен дека овие предмети за воени злосторства во 2001 година еден ден мора да се обноват, но и за секој геноцид врз Македонците некој ќе одговара.
– Воените злосторства, како и геноцидот, според стандардите на меѓународното право никогаш не застаруваат и не можат да бидат заборавени и простени со никаков закон за амнестија. Секако, Обвинителството треба да го активира судското преиспитување на т.н. Хашки случаи од 2001 година, врз основа на меѓународните стандарди за незастарување на воените злосторства и геноцидот. Зошто тоа не е сторено во изминативе дваесетина години, одговорот може да се најде во политичкото влијание врз судството, како и во надворешнополитички влијанија од меѓународната заедница. Но еден ден овие предмети мора да се обноват, а за секој геноцид вршен врз Македонците во изминатите години и децении – некој ќе одговара – вели адвокатот Менкиноски.
Подготвил: Mарјан Велевски