Бугарија

Во бугарскиот град Карнобат, недалеку од црноморското пристаниште Бургас, во складиштето на еден од најголемите трговци со оружје Емилијан Гебрев, дошло до експлозија, а потоа и пожар, објави локалната новинска агенција БТА. Самиот Емилијан Гебрев изјавил за бугарските медиуми дека му е нејасно што се случило, бидејќи, како што истакнал, во магацинот немало самозапаливо производство и изразил сомнеж дека таму има нечиста работа.
Инаку, според медиумот, Емилијан Гебрев е голем трговец со оружје и тргува со Украина од 2014 година, што и самиот го потврди во интервју за американскиот весник „Њујорк тајмс“. Наводно, во 2015 година, членови на руската воена разузнавачка служба ГРУ се обиделе физички да го елиминираат Гебрев. Имено, по деловниот ручек во април 2015 година, на Гебрев му се слошило и бил хоспитализиран.
Тој бил во кома речиси еден месец, а се зборувало дека Гебрев бил отруен со супстанција слична на новичок, опасен отров од лабораториите на КГБ. Набрзо потоа во болница бил примен и неговиот син со слични симптоми, а Гебрев тврди дека набрзо по излегувањето од болницата бил направен уште еден обид за да биде убиен. Но, ова не е првпат под чудни околности да се случуваат експлозии или пожари во неговите воени магацини, се наведува во написите.
Имено, во 2014 година, откако беше откриено дека Гебрев ѝ доставува оружје на Украина, се случи експлозија во еден од неговите магацини во Чешка, во селото Врбетице кај Злин. Во јуни 2022 година се случи експлозија во друг магацин на Гебрев во Бугарија, наведува медиумот.