Хрватска

Претседателот на хрватскиот Совет на генерали, Маринко Крешиќ, изјави дека смета оти неодамнешната несреќа на дронот на Загреб била голем пропуст, бидејќи, како што вели, со влезот на Хрватска во НАТО мислеле дека Алијансата е нивниот штит.
– Мислам дека ова е голем пропуст. Кога влеговме во НАТО, мислевме дека НАТО е нашиот штит. Не смееше да се случи да помине низ три држави, не смеело да се случи да се „шета“ и да стигне до центарот на Загреб. Фала му на бога што удри на земја. Сметам дека тоа е пропуст, особено затоа што и радарите го забележаа неговото движење. Ако веќе го видоа тоа, зошто не реагираа – праша Крешиќ.
Според него, по ова секој треба да ја наведне главата.

– Треба да се разјасни зошто дошол овде и дали е несреќен случај. Треба да се остави малку време, тешко е некој со стопроцентна сигурност да тврди ова или она додека не се направи анализа – рече тој.
Со свое мислење излезе и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, на прес-конференција одржана по средбата со врвот на хрватската војска и безбедносните и разузнавачките агенции, на која тој ја потенцира потребата од изградба на систем за противвоздушна одбрана. На прес-конференцијата тој се наврати на зборовите на министерот за одбрана, кој рече дека на дронот се пронајдени делови од авиобомба. Милановиќ не откри детали за леталото, па ниту дали дронот со големина на авион носел бомба. Тој само порача дека е мала веројатноста ваков инцидент да се повтори и оти јавноста во овој момент е безбедна. Милановиќ рече дека треба да почне изградбата на хрватскиот систем за противвоздушна одбрана, за чии недостатоци, како што рече, предупредил уште пред два-три месеци.
– Сите научивме нешто од ова. Ние сме членка на НАТО, би рекол, цврсти и лојални, но на крајот на краиштата само ние се грижиме за сопствената безбедност. И затоа очекувам итно да се изнајдат соодветни средства, кои се неспоредливо помали од оние што ги одвоивме и ќе ги издвоиме за борбени авиони, за овие системи да се зајакнат што е можно поскоро. Потоа во некој среднорочен период, без премногу компликации во јавните набавки, бидејќи тоа не се европски фондови, за потребите на хрватската национална безбедност и одбрана и системите за противвоздушна одбрана да се набават соодветни системи – рече Милановиќ.

Бомбата во беспилотнoто воено летало што се урна во четвртокот во Загреб тежела 120 килограми и експлодирала под земја, јави Хрватската радио-телевизија, повикувајќи се на извори од Министерството за одбрана (МО), кое тврди дека последиците би биле катастрофални доколку леталото удрело во асфалт или бетон. ХРТ наведува дека „висок извор во Министерството за одбрана“ тврди дека бомбата била пронајдена во леталото тешко до 120 килограми, но дека удрила во мека површина и експлодирала под земја.
Агенцијата „Хина“ нагласува дека истрагата е во тек, а во медиумите може да се слушнат и спротивни мислења на воените аналитичари, кои тврдат дека не се работи за воздушна бомба, туку за експлозија на систем за самоуништување на опрема и податоци. „Хина“ ја наведува оцената на пилотот на хрватското воздухопловство, Иван Селак, кој тврди дека е „речиси сигурен“ дека не се пронајдени фрагменти од воздушната бомба, бидејќи „да имало експлозив внатре, денеска ќе немаше половина крило на студентскиот дом“.