Фото: Влада / Архива

ЕУ ја поздравува новата динамика на билатералните односи и развојот на дијалогот помеѓу Македонија и Бугарија, што беше покажано со интензивирање на дијалогот од страна на премиерите на двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир при денешната посета на Велес.

– Ние се надеваме дека овој интензивиран дијалог меѓу двете земји како резултат ќе даде отворање на пристапни преговори што е можно поскоро помеѓу вашата земја и ЕУ, за да можеме да се фокусираме, што патем го правиме и сега, на реформската агенда. Мора да се продолжи со нејзина имплементација, цел којашто е од првичен интерес за граѓаните на вашата земја. Токму имплементацијата на таа реформска агенда е најбрзиот начин за приближување кон ЕУ, односно станување на земја членка на ЕУ. Всушност реформите се тие коишто ја подготвуваат земјата за членство во Унијата – нагласи евроамбасадорот Гир, одговарајќи на новинарско прашање како сегашните состојби во Европа ќе влијаат на започнување на преговорите со земјава.

За тоа каде стоиме во овој момент во однос на проширувањето, тој истакна дека Македонија ги има исполнето условите за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

– Тоа што сега сакаме да го видиме е отворање на пристапни преговори со вашата земја што е можно поскоро. Тоа значи дека мора да се направат континуирани напори од сите 27 земји членки на ЕУ да постигнат договор за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија – рече Гир.

Евроамбасадорот потсети на вчерашната посета на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел на земјава и на неговите пораки од прес-конференцијата со премиерот Ковачевски дека има волја, а следствено на тоа, има и начин, но дека не може да вети датум за почеток на преговорите на земјава за членство во ЕУ.