Фото: Твитер/Саенс алерт

На островите Галапагос откриен е нов вид џиновска желка. ДНК-тестирањето утврдило дека пронајдените примероци сѐ уште не се регистрирани како на „жител на островот“, соопшти еквадорското Министерство за животна средина, а пренесе „Саенс алерт“.

Истражувачите го споредиле генетскиот материјал на желките кои моментно живеат во Сан Кристобал со коски и школки пронајдени во 1906 година во пештери и планински области на островот и било утврдено дека генетските материјали на видот се разликуваат.

Научниците кои ја истражувале областа во текот на минатиот век никогаш не стигнале до рамнините, кои се наоѓаат североисточно од островот, а се населени со желки. Во оваа област живеат околу 8.000 желки.

– Новиот вид на џиновски желки што го населува островот Сан Кристобал, познат на науката како „Chelonoidis chathamensis“, е генетски компатибилен со различни видови желки – пренесе „Саенс алерт“.

Островите Галапагос во Пацификот се наоѓаат на околу 1.000 километри од Еквадор и се населени со голем број на заштитени животински видови. Архипелагот стана познат по набљудувањата на британскиот геолог и натуралист Чарлс Дарвин и неговата студија за еволуцијата на Галапагос.

Според Националниот парк „Галапагос“, островите биле дом на 15 видови џиновски желки, од кои три исчезнале пред неколку века.

Во текот на 2019 година, на островот Фернандина беше пронајден примерок од „Chelonoidis phantasica“, вид кој се сметал за исчезнат.

Во научното списание „Хередити“ е објавена студијата на истражувачите од Универзитетот во Њукасл во Велика Британија, Јејл во САД, американската невладина организација „Галапагос“ и други институции, кои ќе продолжат да ја проучуваат ДНК од коските и лушпите на желките кои живеат во Сан Кристобал.