Германскиот министер за европски прашања Михаел Рот изјави дека ЕУ мора да ги забрза пристапните преговори со земјите од Западен Балкан, бидејќи во спротивно други земји, како Русија и Кина, ќе го искористат овој момент и ќе го пополнат вакуумот, пренесува „Албаниан дејли њуз“.

Тој денеска потенцираше дека е дојдено време Северна Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ.

– Нашите пријатели од Западен Балкан предолго чекаа. Мора да ги забрзаме преговорите, бидејќи ако ЕУ не е видлива, активна и доволно гласна, авторитарните режими, како Русија, Кина или Турција, ќе го пополнат вакуумот, а тоа апсолутно не е во германски или европски интерес – изјави Рот.

Осврнувајќи се на ситуацијата во Украина, Рот рече дека војната во Украина е голема трагедија и дека ЕУ мора да преземе поголема одговорност за да се постигне мир и стабилност во целиот регион.

– Ова не значи само во Источна Европа туку и во Западен Балкан. Ова е обврска за нас. И ако ја повикаме Украина, тоа не значи дека веќе не сме заинтересирани за продолжување на односите со Албанија и другите земји од Западен Балкан. Време е да започнеме преговори со Албанија и Северна Македонија што е можно поскоро – рече Рот по средбата со албанската делегација.

Тој вели дека не е многу среќен со последниот развој на настаните, бидејќи ЕУ го изгуби кредибилитетот во регионот.

-Време е да почнеме преговори со Албанија и Северна Македонија што е можно поскоро. Ова е мојата порака, не само за нашите пријатели и партнери во Албанија, туку и до нашите пријатели и колеги во Брисел и се надевам дека француското претседателство со Советот ќе има вистинска можност да го одржиме нашето ветување.