Фото: Принт-скрин

Бугарскиот пратеник на ВМРО-БНД во Европскиот парламент, Ангел Џамбаски, ја нападна Србија, изјавувајќи дека за неа нема место во Европската Унија бидејќи прави провокации во Косово и Босна и Херцеговина, пишува „Б92“.

– За Србија нема место во ЕУ, Србија прави провокации во Косово, Србија прави провокации во Босна и Херцеговина. Србија ја поддржува руската пропаганда за време на војната во Украина. Србија планира во Ниш да го изгради најголемиот руски шпионски центар во Европа – изјави Џамбаски.

Тој додаде дека „Србија ги поттиснува Хрватите и Бугарите“ и дека „гледа како да ги асимилира и протера“.

– За Србија, која ја спроведува политиката на Кремљ и Путин, нема место во ЕУ. Разберете го тоа – рече Џамбаски.

„Б92“ анализира дека овие напади врз Србија немаат никаква основа бидејќи Србија е земја гарант на мирот и стабилноста и мудро одговара на провокациите што доаѓаат од Приштина, Сараево и од Загреб. Покрај тоа, пишува „Б92“, Србија ја осуди руската агресија и го поддржа територијалниот интегритет на Украина. Претседателот Вучиќ со својата независна политика повеќепати докажа дека Србија не седи ниту на руската ниту на американската фотелја – туку само на српската, се наведува во коментарот.

– Јасно е дека овие напади доаѓаат сега затоа што претседателот Вучиќ застана во одбрана на целиот Западен Балкан, дека Европа ја сфати важноста на иницијативата „Отворен Балкан“ и дека Вучиќ мудро ги советуваше жителите на Северна Македонија, која инаку е попречена од Бугарија во процесот на пристапување кон ЕУ – пишува „Б92“.

Вучиќ со порака до Македонија: Ќе прашуваат Бугарите за нешто, ќе прашуваат и други, но туркајте ја својата земја напред

Вучиќ завчера изјави дека не може да им каже на Македонците дали е добар францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија, но и дека не треба да прифатат или да отфрлат нешто априори. Вучиќ рече и дека Србија е на европскиот пат и дека на отворањето на преговорите меѓу Србија и ЕУ му претходело прифаќањето на Бриселскиот договор, што е тешко, но дека отворањето на преговорите помогнало многу.

Џамбаски кој е познат по антимакедонските ставови, неодамна со своите приврзаници протестираше против францускиот предлог пред домовите на поранешните бугарски премиери Кирил Петков и Бојко Борисов. Тој годинава се најде опфатен во скандал во Европскиот парламент, откако неговото одмавнување со раката кон потпретседателката на ЕП, Пина Пичерно, пред да излезе од салата за пленарни седници, беше протолкувано како нацистички поздрав.