Фото: Фејсбук/Бојко Борисов

Лидерот на најголемата парламентарна партија во Бугарија – ГЕРБ, Бојко Борисов, за време на посетата на Германија, во разговор со Маркус Фербер, претседател на фондацијата „Ханс Зајдел“ изјави дека неговата земја се наоѓа во тежок период, како и дека бугарскиот народ има уште еднаш имал доверба во ГЕРБ, ставајќи ги на прво место на изборите на 2 октомври.

Тој е во посета на германската покраина Баварија на конгресот на Христијанско-социјалната унија ЦСУ. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Борисов во разговорот коментира дека неговата пратеничка група со многу труд успеала во Народното собрание на Бугарија да донесе одлука за потврдување на патот на земјата кон еврото – од почетокот на 2024 година.

На првиот ден од новиот бугарски парламент тие поднесоа предлог-одлука за воена помош за Украина, пренесе Борисов. Исто така, уште првиот ден поднесоа предлог-одлука за 100 отсто диверзификација од руски гас и руско нуклеарно гориво. Претседателот на ГЕРБ коментираше дека проблемот со илегалните мигранти на територијата на Бугарија се продлабочува. Според него ги има насекаде и проблемот ескалирал.