Стево Пендаровски/Фото: еМСМЈЛК

Претседателот Стево Пендаровски вчера добил покана да присуствува на отворањето на Македонскиот културен клуб – „Никола Вапцаров“ во Благоевград в недела, но поради претходно закажани обврски нема да присустува на настанот, туку ќе испрати свој претставник, информираа од Кабинетот на шефот на државата.

-Со оглед на претходно преземените обврски, претседателот не е во можност лично да биде присутен во Благоевград, но, во негово име ќе присуствува генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски – нагласуваат од Кабинетот на Пендаровски.

Пендаровски завчера во гостувањето на ТВ Сител изјави дека во недела нема да оди во Благоевград на отварањето на клубот Никола Вапцаров на ОМО Илинден Пирин, бидејќи не бил поканет.

-Ако го знаете соопштението на оние кои го организираат тоа, тие мене не ме поканија, иако тоа ме чуди, затоа што дел од тие луѓе кои ја отвораат таа спомен куќа или дом, затоа што тоа не е регистрирано според бугарските прописи и е приватна иницијатива, беа кај мене со ОМО Илинден заедно со други организации на Македонци од Бугарија – рече претседателот Пендаровски, додавајќи дека тоа бил прв официјален прием на Македонци од Бугарија од осамостојувањето од Бугарија.

Во врска со бугарските здруженија во земјава, претседателот Пендаровски завчера изјави дека не треба да се дозволи да носат имиња на, како што нагласи, докажани фашистички соработници. По најавите од Министерството за правда дека и ако биде донесен нов закон за здруженија, тој не може да важи ретроактивно, Пендаровски смета дека може да се преиспита работата на постоечките здруженија.