Поранешната еврокомесарка Марија Габриел е блиску до формирање нова бугарска влада како дел од сложениот политички договор со главниот опонент на нејзината централно-десничарска партија ГЕРБ, реформистичката партија Продолжуваме со промените (ПП) на поранешниот премиер Кирил Петков.
Според меѓусебниот договор, прв на премиерската функција се очекува да биде Николај Денков од ПП, кому претседателот Румен Радев наредните денови треба да му го врачи мандатот. Марија Габриел од ГЕРБ, пак, ќе биде вицепремиерка, а по девет месеци ќе ги ротираат функциите со Денков. Габриел ќе биде и министерка за надворешни работи, функција што со премиерската е најважна во контекст на односите меѓу Бугарија и Македонија.
Денков е универзитетски професор, хемичар. Во неколку преодни, но и во политичката влада на Петков беше министер за образование и наука. Габриел, пак, е кадар на ГЕРБ, таа е поранешна европратеничка и еврокомесарка.
По пет последователни изборни циклуси и политичка неизвесност, Бугарија конечно треба да добие стабилна политичка влада што ќе ја состават довчерашните најголеми политички ривали – ГЕРБ на Бојко Борисов и Продолжуваме со промените (ПП) на Кирил Петков, која на изборите настапи во коалиција со Демократска Бугарија (ДБ).
Сè уште има многу непознати околу составот на новата влада, но она што е извесно е дека таа ќе биде со ротирачки премиер и еден вицепремиер, поточно наизменично на функцијата ќе се ротираат функционери од ГЕРБ и од ПП. На крајот на секои девет месеци премиерот ќе поднесува оставка. Двете пратенички групи ќе гласаат и ќе ја поддржат номинацијата на другата пратеничка група за следен премиер. Премиерот што ќе поднесе оставка ќе биде нов вицепремиер.