Фото: Архива

Германија и Франција сметаат дека токму сега е моментот да се реши спорот меѓу Србија и Косово: „Русија е надвор од игра и има свои проблеми, а Косово е како темпирана бомба што бргу се приближува кон моментот на експлозија“. Брисел смета дека има решение бргу да го реши Косово, по свои методи, и да ги притисне „до ѕид“ Вучиќ и Курти. Во писмото што најсилната европска двојка му го испратила на Александар Вучиќ му било предложено да биде „подготвен за тешки одлуки“. Аналитичарите го читаат тоа само на еден начин – кризата мора да се реши со меѓусебно признавање, можеби не формално, но Србија мора да ја прифати реалноста на независноста на Косово…

Подготвува ли меѓународната заедница нешто што Белград и Приштина нема да можат да го одбијат

Аналитичарите на состојбите на Балканот со особено внимание го следат најновиот развој на настаните во врска со Србија, каде што доаѓа до одредени сериозни поместувања. Во тој контекст, се анализираат најновите потези на европската дипломатија, во која како истурени играчи доминираат Германија и Франција, кои имаат сериозна намера да го земат под своја закрила дијалогот Косово – Србија. Според нивните процени, ситуацијата е запалива и може да излезе од контрола, а како што се наведува во анализите на експертите, треба да се искористи фактот дека Русија сега е „надвор од играта“ и има поважни грижи.
Во тие рамки треба да се гледа писмото што германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон му го испратија на српскиот претседател Александар Вучиќ. Тоа беше многу сугестивно писмо, без премногу заобиколување и дипломатски трикови, кои секој може да ги толкува како што му одговара. Во продолжение на нивниот план го најавија доаѓањето на Балканот на нивните искусни дипломатски „тешкаши“, Јенс Плетнер и Емануел Боун, како помош за специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак.
Подобро упатените укажуваат дека двајцата дипломати, сепак, не се испратени како помагачи на Лајчак, туку дека тие треба сериозно да ја придвижат работата и конечно да ја довршат. Нивното ангажирање е сериозен сигнал дека Брисел сака да го тргне ова прашање од дневен ред, да го архивира, а потоа да го употреби истиот рецепт и за Босна и Херцеговина, како најексплозивна точка во Европа.

Шолц и Макрон, изразено со дипломатскиот речник, сакаат „целосна нормализација на односите меѓу Србија и Косово“ како еден од најважните елементи за безбедноста и понатамошната европска перспектива на овој дел од Европа. Во писмото што најсилната европска двојка му го испратила на Александар Вучиќ му било предложено да „покаже максимална решителност“ и да биде „подготвен за тешки одлуки“, а тоа всушност може да се чита само на еден начин – кризата мора да се реши со меѓусебно признавање, можеби не формално, но Србија мора да ја прифати реалноста на независноста на Косово.
Интересна е изјавата во овој контекст на Артан Бехрами, советник на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, за белградски „Данас“, кој вели дека косовскиот премиер Албин Курти „се откажал од предлогот за меѓусебно признавање на Белград и Приштина“. Наводно, тоа било направено за да може Вучиќ полесно да ја претстави „загубата на Косово“ пред својата јавност.
Бехрами притоа додава дека новиот договор, кој нема да вклучува меѓусебно признавање, ќе биде постигнат за неколку месеци и дека, заедно со Мирослав Лајчак, во неговото подготвување биле вклучени поранешната висока европска претставничка Кетрин Ештон и американскиот дипломат Френк Визнер.
Двајцата најзначајни европски државници, Шолц и Макрон, истакнаа дека писмото го испратиле „во момент од клучно значење за безбедноста и стабилноста на Европа и особено на Западен Балкан“, што значи дека разврската на српско-косовскиот јазол ја прогласиле како еден од најважните приоритети на бриселската политика на краток рок (што значи немаат намера да одолжуваат), но и дека се разбудиле од хибернацијата во која Европа беше сите овие години кога станува збор за овој проблем.
За возврат, Вучиќ, за да ја задоволи својата јавност, би можел да добие „заедница на српски општини“, но веројатно не на нивото и со овластувањата што тој би ги сакал – некаква Република Српска или федерализација на Косово – затоа што се вели дека ЗСО мора да биде во согласност со Уставот на Косово. Да потсетиме, Александар Вучиќ на крајот се согласи да ги признае косовските документи за идентификација на територијата на Србија, а на косовските Срби им беше даден рок од два месеца да ги регистрираат своите автомобили на Косово со нивните регистарски таблички.
Според аналитичарот на белградскиот весник „Блиц“, д-р Невен Цветичанин, француско-германските дипломатски „специјалци“ што доаѓаат на Балканот веќе работеле на сериозни меѓународни договори, како што се руско-украинскиот во Минск и договорот за иранската нуклеарна програма.

Тоа се луѓе што комуницираат со најважните светски лидери, како Џо Бајден, Владимир Путин и Си Џинпинг, па ова го покажува статусот што Емануел Макрон и Олаф Шолц му го даваат на овој проблем, но и решеноста на Брисел конечно да ја заврши работата докрај и правилно – вели Цветичанин.
Српскиот аналитичар смета дека Јенс Плетнер и Емануел Бон го разбираат поширокиот контекст на односите на овие простори и ги сфаќаат различните влијанија и локалните фрустрации, а се искусни, па можат одлучно да се постават во разговорот со Вучиќ и Албин Курти и да ги зауздат ​​нивниот радикализам и популизам. Двајцата наскоро ќе ги посетат Белград и Приштина, каде што, се претпоставува, ќе се појават пред локалните лидери со предлози што би можеле да бидат „земи или остави“, но со акцент на „земи“, бидејќи нема да има многу простор за маневар за „остави“. Ставот на Брисел е јасен – Косово е независна држава и неговиот статус воопшто не е сомнителен и мора да се разговара во рамките на овие прерогативи и односи.
Покрај тоа, на Вучиќ отворено му беше кажано дека мора да се приспособи на заедничката политичка и безбедносна агенда на ЕУ, што, пак, значи воведување економски санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина. Брисел веќе го губи трпението со одолжувањето и одложувањето на Вучиќ, но се претпоставува дека може да има и некаков компромис, односно Србија ќе мора да воведе санкции кон Русија, но ќе се разговара кои и какви санкции би можел да поддржи и да прифати Белград.

Подготвил: Mарјан Велевски